Кокаин е пронајден во телата на ајкули во близина на брегот на Бразил, соопштија научници од Фондацијата „Освалдо Круз“ во Бразил. Научниците долго време апелираат дека морскиот живот би можел да биде погоден од дрогата што ја фрлаат шверцерите во водата, со оглед на тоа дека тони кокаин се пронајдени околу Флорида, Јужна и Централна Америка.
Научниците сецирале 13 диви бразилски остри ајкули кои биле купени од мали рибарски бродови, бидејќи овој вид го поминуваат целиот свој живот во крајбрежните води и затоа најверојатно биле погодени од загадувањето.
Мускулите и ткивото на црниот дроб биле тестирани со помош на стандардна техника наречена течна хроматографија, за да се бараат кокаин и бензоилекгонин, главната супстанца во дрогата.
Сите 13 ајкули биле позитивни на дрогата, со 100 пати поголема концентрација од претходно пријавената за другите водни суштества, откриле научниците. Супстанцата била поприсутна во мускулното ткиво отколку во црниот дроб на ајкулата.
Сепак, истражувањето, кое беше објавено во научното списание „Науката на средината“, вели дека полето на истражување е „многу ограничено“ и влијанието на кокаинот или бензоилекгонинот врз водниот живот не е целосно познато.
Во јуни минатата година, американската крајбрежна стража заплени повеќе од 6.400 килограми кокаин во Карипското Море и Атлантскиот Океан, со проценета вредност од 186 милиони долари.