Колумбиската полиција објави дека запленила 12 тони кокаин, што е најголемиот поединечен улов во историјата на земјата.
Дрогата била сокриена на четири плантажи со банани на северот на државата, блиску до маршрутите по коишто таа се шверцува во САД.
Претседателот Хуан Мануел Сантос се пофали дека ова е најголемата заплена во една акција досега.
Полицијата верува дека кокаинот му припаѓал на Даиро Усуга, попознат како Отониел, кој е лидер на картелот Гулф, една од најопасните колумбиски криминални организации. Колумбиската полиција веќе некое време води офанзивни операции против овој картел, но Отониел не успева да го фати со години.
Полицијата соопшти дека вредноста на запленетата дрога се проценува на 360 милиони долари.
Во претходните два месеца, Колумбија фатила вкупно 20 тони кокаин во Антиокија.