Во Штип од старо време е традиција гостите пред да ги понудиш дома со штипска пастрмалија претходно да ги одведеш во општата бања во Кежовица, каде во посебни оддели мажите и жените се капат голи. Така релаксирани, пастрмалијата и виното подобро легнуваат. Традицијата за вакво бањско капење сè уште е многу жива во Штип.
Во комплескот Кежовица постои зграда за физикална терапија која работи во состав на Клиничкиот центар. Располага и со базен со термална вода кој се користи за вежби и лекување на пациентите главно со фрактури. Базенот е за пациентите без разлика на полот кои во базенот влегуваат со костими за капење. Во нивна придружба се физиотерапевти и друг медицински персонал.
На дваесетина метри од оваа зграда е објектот Бања Кежовица кој работи во рамките на јавното претпријатие „Исар“ и е наменет за граѓаните. Располага со 15 туш кабини, десетина када кабини и две општи бањи, едната за жени, другата за мажи. Сите оддели имаат посебно место за седење, елаци со чешми за термална вода и чешми со обична вода за разладување, затоа што температурата на топлата вода е 70 степени Целзиусови.
Традицијата е што во општата женска бања жените се капат голи, во општата машка мажите исто така голи. Нема штипјанец кој барем еднаш во животот не отишол во општа бања. Порано, кога сите немале купатила дома, многумина редовно си оделе на бања и тоа најчесто во општите оддели. Масовно беше кога цели семејства, мајка, ќерка и внуките да одат во женската бања, а татковците со синовите и внуците во машката општа бања.
„Сум бил речиси во сите бањи во Македонија и мислам дека во Дебарските Косоврасти, Катлановската, бањата во Ново Село, Негорци, Кочани и било која друга бања во Македонија, таква традиција и такви оддели нема. Штипската е единствената што нуди и таква можност и во овој поглед мислам дека е единствената на Балканот и пошироко, такви биле и такви ќе бидат и во иднина штипските традиции за бањите и бањскиот туризам“, вели штипјанец кој редовно се капе во општата бања.
Со штипската бањска традиција се запознаа и членовите на музичката група „Запект“ од Дрезден, Германија, при настапот во Штип.
„Ние сме фасцинирани и пријатно изненадени од својствата на термалните води во спа-центарот Кежовица и од старите штипски традиции за нудистичко капење во заедничката општа бања на овој мал, но убав спа-центар. Љубезните домаќини ни ги покажаа туш одделите и одделот кади и двете одделни бањи за жени и мажи. Тие што не ги знаат традициите на овој град користат костими за капење, но гледаме дека граѓаните на овој град во општите заеднички бањи се капат голи и никој воопшто не обрнува внимание на тоа, затоа што јасно се забележува дека сите се преокупирани со термалната вода која изобилува и до максимум се користи. На таа традиција се придржавме и ние“, вели Мартин Грелман, водач на „Запект“ која во Домот на младите во Штип имаше целовечерен концерт.
Тие велат дека биле во германските спа-центри во Баварија, како Баден Баден на Шварцвалд, а и во Чешка во Карлови Вари. Во Кежовица беа изненадени кога вработените им ги покажуваа одделите, посебно кога влегоа во општата бања и кога видоа како штипјани се капат. Побараа крпи па и тие станаа како домаќините.
„Лани бевме во Штип но за време краткиот престој не дознавме ништо за термалните води. Годинава слушнавме дека некаде на Балканот имало термални води како во Карлови Вари, па кога требаше да заминеме за Македонија научивме дека овие лековити води се токму во Штип, каде ние треба по втор да гостуваме. Благодариме на домаќините кои не сместија во нивниот спа-центар Кежовица. Имавме прекрасна термална релаксакција пред концертот“, велат од музичарите од „Запект“.
И навистина, никому не му е чудно што сите си се бањаат голи. Дури си помагаат едни со други. Многу често можеш да слушнеш „Комши дај да ти истрлам грбот, а после ти мене“. Неколку стотини штипјани најмалку еднаш во месецот одат на бања во општите оддели. Ретко кој користи када или туш, затоа што тушеви има и во општите оддели кои располагаат и со базени во кои целото тело може биде во термалната вода која лечи ишијаси, лумбаго, разни настинки, мигрени.
Има голем број штипјани кои редовно општата бања ја користат најмалку еднаш во неделата, меѓу другото и поради тоа што е најефтина, 70 денари за возрасни и 50 денари за деца. Од лани е воведено во вторник да има бесплатна бања за пензионерите и голем број пензионери ја користат оваа можност. Останатите штипјани си имаат свој ден во неделата кога одат на општа бања.
„И јас како дете сум одел во општа бања и тоа редовно затоа што дома не сме имале купатило. Сега одам од време на време затоа што во општата бања термоминералната вода која е лековита ја има во изобилие“, вели еден штипјанец.
Т. ЈОВАНОВСКИ