Американскиот уметник Кристо вгодина ќе ја замота Триумфалната порта во Париз со 2.500 квадратни метри рециклиран син материјал. Монументалниот проект е дел од големата изложба која ќе се отвори во центарот Помпиду посветена на творештвото на Кристо и на неговата почината сопруга Жан-Клод, кога живееле во Париз, градот во кој се запознале, од 1958 до 1964.
Обвивката, која неодамна беше одобрена од Центарот за национални споменици и од француската Влада, ќе биде поставена 14 денови, од 6 до 19 април 2020.
Просторите на дното и на врвот на Портата, како Гробот на незнаен војник, ќе бидат отворени и достапни.
Замотувањето на згради и споменици со ткаенини со години беше заштитен знак за творештвото на Кристо и на Жан-Клод. Во раните 1960-ти, Кристо почнал да работи на мали студии за проект да ја замота Триумфалната порта, но идејата никогаш не се развила. Во интервју за „Њујорк тајмс“, Кристо (83) вели дека работејќи на изложбата за Помпиду сакал да направи нешто повеќе и одлучил конечно да го реализира проектот врзан за еден од симболите на Париз.
Проектот целосно ќе се финансира од продажбата на неговите скици, колажи, макети и текстови за проектот, без какво било државна или приватна поддршка.