КРУШЕВО САКА ДА СТАНЕ ЕВРОПСКИ ЦЕНТАР ЗА ПЛАНИНСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ НАЛИК НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ГРАД МАСА МАРИТИМА

    КРУШЕВО САКА ДА СТАНЕ ЕВРОПСКИ ЦЕНТАР ЗА ПЛАНИНСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ НАЛИК НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ГРАД МАСА МАРИТИМАИницијативата ја покренаа локални угостители, а проектот за креирање нови патеки за планински велосипедизам се реализира со поддршка на Швајцарија

    Можностите што ги нуди највисокиот град на Балканот, Крушево, за планински велосипедизам, светскиот шампион во оваа спортска дисциплина Ралф Неф ги спореди со италијанската велосипедска мека Маса Маритима. Тој е дел од тимот швајцарски експерти кои го испитуваат потенцијалот за изградба на патеки за планински велосипедизам. Неф, кој возел на многу велосипедски патеки во светот, вели дека Крушево и Маса Маритима ги поврзуваат прекрасната природа и ентузијазмот на жителите.

    „Пред 20 години, идејата за планински велосипедизам во Маса Маритима произлезе од жителите. Создадоа услови, привлекоа туристи во хотелите, растеше бројот на велосипедски патеки, зајакна локалната економија. Денес, таа е една од најпознатите велосипедски дестинации во Италија, па и во Европа. Има можност Крушево да стигне дотаму“, вели Неф.

    Слично како во Италија, и во Крушево иницијативата ја покренаа локалните угостители, односно менаџерите на ски центарот и хотелот „Панорама“, со цел дополнување на постоечката туристичка понуда и промоција на активниот туризам. Маса Маритима, која се наоѓа во Тоскана, слично на Крушево, има старо градско јадро, опколена е со планински терени и има неколку илјади жители. Располага со 109 велосипедски патеки, од кои 84 за планински велосипедизам. Во околината на Крушево сега има четири патеки во должина од 42 километри, кои се обележани со основни информации. Патеките водат кон манастирот „Св. Преображение“, врвот Мусица, Мечкин Камен, ски центарот Станич и манастирот „Св. Спас“.

    Маса Маритима располага со 109 велосипедски патеки, од кои 84 за планински велосипедизам

    Проектот за креирање нови патеки за планински велосипедизам се реализира со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, во износ од 40 000 франци. Овој тип на туризам и спортување нуди голема безбедност во ковид услови.

    „Се покажа дека планинскиот велосипедизмот во времето на ковид-19 е значајна спортска активност. Коронакризата во целиот свет создаде предизвици, но најважно е да се осигура безбедноста на гостите. Затоа го поддржавме спроведувањето на знакот за безбеден туризам, бренд што на туристите ќе им ги означува безбедните места за посета“, рече швајцарската амбасадорка Сибил Зутер.

    Освен туризмот, Швајцарија во земјава инвестира и во други области, како животната средина и доброто владеење. Има и нова програма за соработка од 2021 до 2024 година и ќе поддржи повеќе сектори, за што се извоени 20 милиони евра.

    Швајцарската амбасадорка Сибил Зутер доби велосипедски дрес од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф на промоцијата на проектот во Крушево

    Годинава во Крушево ќе се отвори најголемиот адреналински парк во земјава, а ќе работат и жичницата и ски лифотот. До крајот на август се очекуваат и новите планинарски патеки. Градоначалникот Томе Христовски вели дека Крушево летово ќе биде центар за авантуристички спортови и веќе има најави за доаѓање на странски гости.

    „Од Светската параглајдерска федерација деновиве не` известија дека Светското првенство во змејарство ќе се одржи од 17 до 31 јули. Ќе се одржат два меѓународни натпревара, Холандското првенство и Озон опен-првенството во август. Со меѓународните натпревари и со имунизацијата на светско ниво, почнаа да се пријавуваат и гости од Полска, Русија, Украина, Норвешка“, вели Христоски.

    Крушево има околу 1.000 легла за туристи.

    „Ни треба малку да се олабават мерките за да можеме послободно да функционираме и работиме. Помошта од државата е ситна. Сепак, нешто се задоволува, покрива некој расход“, вели угостителот Жан Здравески-Шапе.

    Градот со години наназад се соочува со силен бран на иселување. Главмо заминуваат младите, со пандемијата не толку во странство колку во Скопје. Според пописот од 2002 година имало 5.330 крушевчани, но жителите сметаат дека бројката е помала.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира