Пред ланските избори, малкумина Американци имаа слушнато за терминот „лажна вест“, за, во меѓувреме, ова да стане глобален феномен, но и проблем.
Според најновиот извештај на невладината организација „Фридом хаус“, што не ја опфати и Македонија, лажните вести одиграле важна улога на последните избори во најмалку 18 држави.
Во длабоко поделената Кенија, лажни вести со логото на Би-Би-Си и на Си-Ен-Ен се ширеа на социјалните мрежи и му помогнаа на Ухуру Кенијата да добие нов претседателски мандат.
Николас Мадуро ја зграпчи моќта во Венецуела, ширејќи лажни фотографии од протестите, додека Фејсбук избриша дури 30.000 лажни профили на десет дена до претседателските избори во Франција.
Но, лажни вести има и кога не се гласа. Тие биле забележани во 30 од 65-те држави, што ги покрива извештајот на „Фридом хаус“.
Во Филипини, таканаречените ботови заработувале десет долари дневно за да ја фалат актуелната власт на социјалните мрежи. Тие масовно се користат со иста намена и во Турција и Мексико.
„Тоа е тренд што гледаме како расте низ целиот свет. Во повеќето случаи, владите стојат зад нив. Тие не се јавуваат само во автократски режими, како Кина, Иран и Мјанмар, туку се проблем и во демократските општества“, вели Санџа Кели, директорката на извештајот.