ЛЕКАР ОД КАВАДАРЦИ НА 56 ГОДИНИ ГО ПРЕПЛИВА СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО КАЈ БИТОЛА, ДОСЕГА ПРЕПЛИВАЛ 13 ЕЗЕРА ВО ЗЕМЈАВА

    ЛЕКАР ОД КАВАДАРЦИ НА 56 ГОДИНИ ГО ПРЕПЛИВА СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО КАЈ БИТОЛА, ДОСЕГА ПРЕПЛИВАЛ 13 ЕЗЕРА ВО ЗЕМЈАВАПред да влезе во Стрежевското Езеро, Бошко Илиев фрли венец со цвеќиња со желба за добра езерска вода (Фото: СДК.МК)

    Бошко Илиев, лекар специјалист по спортска медицина од Кавадарци и љубител на пливањето и спортот воопшто, на 56-годишна возраст денеска го преплива Стрежевското Езеро кај Битола. Ова е 13. езеро во земјава кое го препливал или каде што имал настапи во маратонско пливање. Неговата замисла е да ги преплива сите природни езера и вештачки акумулации во Македонија.

    „Ги сакам Македонија и пливањето. Имаме прекрасни дестинации за пливање и други спортови. Ако Хрватска има море, Србија реки, ние имаме прекрасни езера и треба да ги ползуваме за спорт и рекреација. Мојата цел е да го промовирам пливањето како еден од најздравите спортови, да го промовирам спортот и да им дадам мотив на младите што повеќе да спортуваат“, рече Илиев.

    Со маратонско пливање активно се занимава 20 години. Денешниот му беше 93. маратон досега, од кои 71 меѓународен и 22 домашни. Во Стрежево пливаше во делот за рекреативци и патеката од околу седум-осум километри во двата правци ја помина за два и пол часа.

    „Не ме загрижува тоа што Стрежевското Езеро е вештачко. Струењата не ги чувствувам, а денес беше посебно мирно“, рече лекарот.

    Негов секундант беше Ќире Марков од Битола, долгогодишен маратонец, кој има испливано околу 30 маратони и 25 години е секундант на Охридскиот маратон. Под негово менторство, во Битола се изградија многу добри пливачи со шампионски титули на државно ниво, иако во градот нема затворен базен.

    „Првпат доаѓам овде, иако сум од Битола. Слично како Крушевското езерце, и тоа е на висина, а водата топла. Во Битола преку лето тренираме во Олимпискиот базен. Иако немаме затворен базен, имаме шампиони на ниво на Македонија. Битолчанец освои трето место во маратонско пливање“, рече Марков.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира