ЛУКСУЗНИТЕ МОДНИ БРЕНДОВИ ЗАРАБОТУВААТ МИЛИОНИ ОД ПРОИЗВОДИ ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ НОСАТ, ПОСТОЈАТ САМО ДИГИТАЛНО

    ЛУКСУЗНИТЕ МОДНИ БРЕНДОВИ ЗАРАБОТУВААТ МИЛИОНИ ОД ПРОИЗВОДИ ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ НОСАТ, ПОСТОЈАТ САМО ДИГИТАЛНО„Ралф Лорен“ лани лансираше линија на дигитална мода на јужнокорејската платформа „Зепето“ (Фото: Ралф Лорен)

    Кога виртуелната чанта на „Гучи“ се продаваше на интернет за 4.115 долари минатата година, не беше цената она што привлече голем интерес, туку фактот дека можевте да купите вистинска за 700 долари помалку.

    Сумата од четири цифри, платена од корисник на гејминг платформата „Роблокс“, беше релативно мала за брендот кој имаше приходи од 9,7 милијарди долари во 2021. Всушност, италијанскиот моден гигант првично ги продаваше дигиталните чанти за само 475 „robux“ (што е рамно на околу шест долари), а астрономските цени дури подоцна беа постигнати на пазарот за препродажба.

    Ова покажа дека има луѓе кои ја ценат нивната дигитална гардероба исто колку и физичката.

    Оваа идеја ја трансформираше модната индустрија во изминатите две години. Од „Баленсијага“, која продава изгледи за ликови од „Фортнајт“, до „Ралф Лорен“, кој лансираше линија дигитална облека, луксузните брендови се втурнаа во овие нови и многу популарни дигитални светови.

    Независно дали овие платформи се дел од таканаречениот метаверзум или едноставно онлајн игри, милиони луѓе го поминуваат своето време во тридимензионални, меѓусебно поврзани дигитални средини. Поради тоа, големите брендови отвораат продавница со виртуелни настани и ексклузивни колекции облека за аватари.

    „Модните брендови беа особено бавни на социјалните мрежи. Во средината на 2000-ите, тие ги отфрлаа тогашните нови платформи како Фејсбук, па сега не сакаат повторно да доцнат. Има 3,2 милијарди луѓе кои играат видеоигри и тие не само што одат во овие виртуелни светови за да играат, туку и за да се дружат. Ако брендот сака да биде културно релевантен, важно е да се поврзе со оваа публика“, вели Чарлс Хембро, чија фирма им помага на компаниите како „Томи Хилфигер“ да навлезат во метаверзумот.

    Првата НФТ серија на „Долче и Габана“, која се состоеше од девет парчиња дигитална облека, лани се продаде за 5,7 милиони долари.

    Метаверзумот им дава пристап на модните брендови до сосема нова генерација купувачи, најчесто помлади од традиционалните купувачи на луксузни производи. Околу 70% од американските потрошувачи сметаат дека им е важен дигиталниот идентитет, покажа едно истражување од лани.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира