Уникатен пример на планетата се брачниот пар Билјана Унковска и Рудолф Шпанзел, уметници кои, секој за својата земја Македонија и Словенија, по осамостојувањето од Југославија ги дизајнираа новите монети. Мајката на денарот и таткото на толарот, ги викаат.
По повод 25 години од монетарното осамостојување на Словенија, во Љубљана каде што живее семејството Унковска-Шпанзел, во ноември беше отворена голема заедничка изложба „Златен прав“ која пак синоќа беше отворена и во Скопје, во НЛБ Тутунска банка, а на која свој мал удел има и нивниот син Дориан Шпанзел.
Во Љубљана, вели Рудолф Шпанзел (69), кој толарот пред 25 години го дизајнираше со уште двајца колеги, изложбата ја виделе околу 10 илјади посетитители за два месеци.
„Зборуваме за голема работа, за препознавање на државотворноста на нашите две земји. Жал ми е што мојот толар издржа само 15 години и станавме дел од ЕУ, а денарот на Билајана уште живее, веќе 22-ра година“, со тажна насмевка вели Рудолф.
На симпатичен јазик измешан со македонски зборови, како што вели, малку како папазјанија, Шпанзел додава:„Македонија требаше многу одамна да е во ЕУ. Солзи ми идат на очи кога гледам анкети на ТВ каде што жени во години велат: ‘Едно име имаме’. Ова е прекрасна земја, со многу добри, посебни луѓе, емотивни, со чувства, различни од другите. Земја со могу богатства. Горд сум што имам девојка од Македонија, и се надевам на брза убава иднина за оваа топла земја со нежни луѓе“.
Шпанзел е зет на истакнатиот македонски режисер Слободан Унковски, па вели дека со братот на жена си често се дружат и зборуваат:„Унко е космополит. Такви луѓе ѝ требаат на Македонија, знам дека уметноста и политиката не одат заедно, но сепак, се надевам дека ќе одберете такви луѓе, со широки погледи кои ќе ја извлечат земјата во Европа. Сепак, ние во Словенија полесно дишеме, отколку вие овде, за што ми е многу жал. Ние уметниците не се занимаваме со политика, таа се занимава со нас“.
Билјана (65) пак, која ретко доаѓа во Македонија, возбудена од сите школски другарки кои ѝ дојдоа на изложбата, и која го доби дизајнот на денарот пред 21 година како првонаграден труд на меѓународен конкурс, вели:
„Многу ми значи дека банкнотите се сѐ уште живи, дека народот ги сака, не се застарени. Ми значи ова претставување дома, зашто јас сум слободен уметник, па тешко е човек во такви околности да се откаже од нарачки, од работа за дојде дома. Овде веќе немам родтители, а со брат ми се гледам зашто тој почесто патува во Љубљана. Се надевам дека ќе дојдам и со сериозна изложба.Секако дека ми значи што со Руди сме автори на монетите на нашите татковини, тоа е пример за Гинис, ха-ха“.
Третиот член на ова уметничко семејство, отворен и весел за разговор е синот Дориан Шпанзел (33), кој како татко му на симпатичен начин се обидува да зборува македонски. Концептуален уметник од Словенија, школуван во Венеција. Тој, покрај другите дела во оваа прилика изложува пари на иднината.
„Ова е малку шега, малку провокација. Моите пари се за резерва, во случај ЕУ да се распадне, па Словенија да има подготвени нови, убави и модерни банкноти. Мотивите се земени од позитивни ликови од традиционалната словенечка литература“, вели Дориан. Дориан смета дека неговите монети се провокација и одговор на тоа дека националистичките партии во Европа не водат никаде, и дека Европа сепак ќе остане заедно, а и Македонија во неа.
Семејството Шпанзел, во кое сите тројца се слободни уметници целиот свој живот и велат дека не е лесно да се опстане во таа независна категорија, покрај монетите на оваа изложба презентира и свои дела, сите концептуално различни. Рудолф е познат и истканат портретист, Билјана е царица во светот на рајските градини, а Дориан во светот на модерниот графички дизајн.
На изложбата зборувше гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов, кој потсети дека покрај книжните и кованите банкноти на денарот, и сребрениците и златниците кои се репрезентативни примероци на НБМ се дизајнирани од Унковска. Амбасадорот на Словенија Милан Јазбец рече дека Словенија ја отворила првата амбасада во Македонија по распадот на Југославија, а Македонија го испратила во таа земја првиот свој амбасадор. Тоа, рече Јазбец зборува за пријателството на нашите две држави, што го поткрепи и со оваа уникатна изложба.
Голема поддршка за целиот проект насловен „Златен прав“ во организација на Народниот музеј на Словенија со ексклузивен повеќејазичен каталог добива словенечкиот куратор Андреј Шемров.