МАКЕДОНИЈА – ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ, ФОНДАЦИЈАТА ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ ЌЕ РАБОТИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА СОНОТ НА ПРОФЕСОРОТ

    МАКЕДОНИЈА – ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ, ФОНДАЦИЈАТА ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ ЌЕ РАБОТИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА СОНОТ НА ПРОФЕСОРОТЕксгувернерот Петар Гошев, професорот Ѓорѓи Марјановиќ и неговата сопруга на промоцијата на книгата колумни во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (Фото: К. Попов)

    Професори, судии, поранешни функционери дојдоа на прославата на 80. роденден на професорот Ѓорѓе Марјановиќ на Правниот факултет, на која беше промовирана збирката негови колумни и беше најавенa работата на Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“.

    Александар Марјановиќ, син на професорот, кој е извршен директор на Фондацијата, рече дека Фондацијата не само што ќе се грижи за зачувување на неговото творештво, туку и ќе го продолжи неговиот сон,  како што рече „Македонија да ја направиме пристојно место за живееење“. Фондацијата ќе реализира активности поврзани со афинитетите по кои јавноста го познава професорот Марјановиќ – неговата љубов кон книгата, музиката, уметноста, планинарењето, неговите способност за дебатирање.

    Меѓу нив, Александар Марјановиќ рече дека ќе биде Школата за идни лидери, која ќе биде непрофитна, бесплатна воннаставна активност, наменета за деца и младинци со програма која ќе опфаќа ораторство, дебатирање, морални вредности и бонтон. Ќе има и програма за книги и читање, за да се развијат комуникациските, односно ораторските вештини кај децата и ќе организираат годишно натпреварување по раскажување и читање.

    Александар Марјановиќ, Петар Гошев, Ѓорѓи Марјановиќ и сопругата на денешната промоција на Правниот факултет (Фото: К. Попов)

    „ За да учествуваат треба сами да одберат книга, да ја раскажат, родителот да го снима настапот со мобилен и слично како со онлајн предизвиците да го објават на социјалните мрежи. Со секоја раскажана книга ќе освојуваат бодови, а потоа на крајот на годината, на јавен настап, стручно жири ќе ги одбере и награди најдобрите. Целта на оваа активност е да се обидеме на децата да им вградиме љубов кон книгите, да им помогнеме да стекнат навика за читање. Познато ви е дека на мојот татко отсекогаш му бил важен литературниот јазик и зачувувањето на македонскиот јазик и затоа ќе организираме и летна школа за македонски јазик. Исто така ќе има и Вечери на класична музика, за да се едуицираат младите луѓе“, рече Александар Марјановиќ.

    Тој говореше и за судбината на неговиот татко, кој останал сирак на 6 месеци и бил посвоен, па очувот бил убиен кога имал 18 месеци. .

    „Неговата тажна судбина е инспирација за основање на Фонд на школување за деца без родители, деца на самохрани родители и останати ранливи категории. Приходите од книгата ќе бидат употребени за Фондот“, додаде тој.

    Книгата ги содржи колумните на професорот Марјановиќ, пишувани за весникот „Дневник“ во период од 1998 до 2006. Книгата објавена во три томови содржи 329 колумни, на над 1.000 страници. Александар Дамовски, еден од основачите на „Дневник“ кажа дека секоја колумна на професорот Марјановиќ, укажувала на тоа што не треба и што треба и „да ни покаже што е тоа всушност политичка култура“.

    За книгата и за професорот Марјановиќ говореа и Владимир Петрушевски-Фили, претседател на Фондацијата и Бранко Секуловски, судија во пензија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира