МАКЕДОНИЈА СЕ НАДЕВА ДЕКА ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА МАРИХУАНАТА ЌЕ ГИ РАЗВИЕ ЕКОНОМИЈАТА И ТУРИЗМОТ

    МАКЕДОНИЈА СЕ НАДЕВА ДЕКА ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА МАРИХУАНАТА ЌЕ ГИ РАЗВИЕ ЕКОНОМИЈАТА И ТУРИЗМОТДосега 61 компанија имаат добиено лиценца за одгледување канабис за медицински цели (Фото: Ѓ. Личовски)

    Иако Македонија го легализираше одгледувањето канабис за медицински цели уште во 2016 година, производителите сметаат дека законите не соодветствуваат на развојот на овој бизнис. Нов предлог-закон, претставен од премиерот Заев во ноември 2020, би дозволил користење  марихуана во кафулиња во Скопје и други градови, со цел да се поттикне туризмот во земјата. Тој кажа дека законот е дел од владиниот пакет мерки за стимулирање на економијата, која е тешко погодена од пандемијата на ковид-19.

    Некои од производителите веќе подолго време бараат законски измени за да се овозможат странски и домашни инвестиции. Тие предлагаат амандман кој би дозволил препродажба и извоз на сушени цветови, не само за медицинска, туку и за рекреативна употреба. Сметаат дека нивниот бизнис на тој начин би помогнал различни сегменти од економијата, како услужни дејности и туризам.

    Производителите бараат законски измени за да се дозволи извоз на сушени цветови

    Асоцијацијата на производители на канабис во Северна Македонија „Макканабис“ нагласува дека земјата може да стекне предност во однос на соседите зашто одгледувањето канабис за медицински цели има голем потенцијал за развој на бизнис клима. Моментално, овој сектор вработува околу 1.200 луѓе, што би можело тројно да се зголеми во наредните три години, сметаат од „Макканабис“.

    Лаборант додава масло од канабис во апарат за испитување на квалитетот во лабораторијата на „NYSK Holdings“

    Владата во 2016 го измени Законот за контрола на наркотички и психотропни супстанци, по што се овозможи отворање фирми за одгледување канабис за медицински цели. Досега 61 компанија имаат добиено лиценца и се очекува нивната бројка да расте, како што на светските пазари се зголемува побарувачката по сушени листови и масло од канабис.

    Македонија прва во регионот би можела да ја легализира рекреативната употреба на марихуаната

    Златко Кескоски е сопственик на „NYSK Holdings“ од Скопје, една од првите компании кои добија лиценца за одгледување канабис за медицински потреби. Денес, оваа компанија соработува со Германија и Полска, продава масло од канабис во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка и чека одобрение за извоз на свои производи во Холандија и Хрватска. Таа располага со свои погони и лабораторија за испитување на квалитет на производите.

    „Иако сегашните закони не забрануваат извоз на сушени цветови, тоа сѐ уште не се случува“, вели Кескоски.

    Според него, 70% од побарувачката на пазарот е за сушени цветови, а 30% за екстракт од канабис.

    Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира