Мали сипаници имаат уништувачки ефект врз имунолошкиот систем на телото, што може да ја отежни борбата против инфекции со години, велат нови студии.
Вирусот може да предизвика таканаречена имунолошка амнезија, што значи дека телото заборава како да се бори против заболувања што порано знаел да ги победи. Мали сипаници исто така го враќаат имунолошкиот систем во „бебешка“ состојба, што му ја намалува способноста за борба против нови инфекции.
Експертите велат дека ова ја нагласува важноста на вакцинирањето.
Најголем број луѓе заздравуваат од оваа болест, но таа може да предизвика и доживотни оштетувања, а знае да биде и смртоносна во комбинација со пневмонија или енцефалит. Се проценува дека годишно од мали сипаници умираат 110.000 луѓе низ цел свет.
Новите истражувања се базираа на детаљна анализа на невакцинирани деца од ортодоксна протестантска заедница во Холандија, при што фокусот бил ставен на антителата и на белите крвни зрнца. Вирусот на мали сипаници може да ги зарази и уништи тие зрнца, предизвикувајќи имунолошка амнезија.
Резултатите објавени во магазинот „Саенс“ покажуваат дека по епидемија на мали сипаници во 2013 година, децата изгубиле 20% од својот репертоар антитела.
„Мали сипаници се како првите десет години нелекувана ХИВ инфекција собрани во неколку недели. Толку е голема штетата на имунолошката меморија“, вели д-р Мајкл Мина од Медицинското училиште Харвард.