Вилата на Митко Налевски, ветеринарен лекар во пензија, во мариовското село Градешница наликува на музеј од Првата светска војна. Дворот и куќата содржат неколку стотици артефакти кои пред повеќе од еден век ги користеле војските на Македонскиот фронт (1915-1918) што се протегал во близина на селото. Оградата од дворот како да е музејска витрина, на неа се наредени топовски гранати, авионски бомби, шлемови, железни рамки за товарење коњи со муниција и храна, потковици од големи коњи половина поголеми од оние што се користат денес, лопати за ровови, штитници, стари шишиња од коњак и вињак што ги пиеле офицерите на фронтот, додека на војската ѝ било давано вино.
Глетката е несекојдвена, расцветани јорговани и шлемови. Во текот на 15 години колку што собира експонати, успеал да најде повеќе десетици војнички шлемови. Со некои од нив ги накитил дрвјата во дворот. Дел се цели, а други имаат дупки од куршуми и гранати. Во Градешница, најодделеченото село во битолско Мариово, само вилата на Налески и споменикот коњ изработен од шрапнели на сред село зборуваат за бурната историја од Првата светска војна. Тогаш, многу жители биле мобилизирани во туѓите војски на фронтот, загинале или умреле од болести, а дел поради близината на фронтот се иселиле во други села.
„Јас 15 години ги собирам експонатите, постепено. По напуштените куќи, дворови. Во секој двор имаше железни предмети останати од војната. Ако не го соберев ќе одеа на отпад за старо железо. Идеа помладите, потомците на поранешни жители, ги товараа железата што ги имаше по куќите, јас ќе ги застанев, им плаќав и ги берев експонатите од фронтот. Некои од нив не го вреднуваа тоа. Треба некој да размислува на долги патеки, инаку го гледаш железо. Ама тоа има поинаква вредност“, вели Налевски.
Витрините во куќата се „вооружени“ со фишеци за кои Митко објаснува дека ако се заострени на врвот се француски, ако се обли се бугарски. Има бајонети француски и германски, пушки, пиштоли стари повеќе од еден век, па и вазни кои занаетчиите ги изработувале од чаури.
„Од 1916 до 1918 година, Градешница, Старавина, Зовиќ и Будимирци беа иселени во Тиквешијата. Овде беа бугарските воени сили, преку еден рид е Камен Врв каде беше фронтовската линија. Повеќето експонати од зачуваните се од бугарската војска, зашто кога фронтот беше пробиен кај Добро Поле, што е исто така во наш синор, таа војска побегна и војниците не понесоа сè со себе“, кажува Налевски.
Кажува и за анегдотата поврзна со семејното презиме. Во минатото, неговите претци во бука во Мариово нашле пари и биле многу богати во Гардешница. Кога фатила војната, неговиот дедо бил мобилизиран во српската војска, но не сакал да се бори за туѓи војски и дезертирал. За време на војната, нивната куќа на Ат Пазар во Битола била погодена од бомба, па парите се распрскале и ги собрале соседите. Прадедо му рекол „налет се сторија“ што значи како што дојдоа, така си отидоа, па од таму го добија прекарот Нале, а подоцна и презимето Налевски. На времето нивна била и Магазата, но им била национализирана како и друг имот.
„Во Белград студирав, заминав Косово, потоа Битола работев, но секогаш мислата ми беше тука. Ова ми беше имот од чукундедо. Си ја имав замислата сермијата да ја обновам барем тука. Во 2005 година ни вратија од денационализација и парите што ги зедов ги вложив тука. Десет илјади евра имам вложено во материјали. На темелите на старата куќа, спрат подигнав. Сите ѕидини ги имам освежено. Да оставам некој спомен, тоа ќе остане“, вели Налевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА