МОНОГРАФИЈА ЗА СЛИКАРОТ ВЕЉО ТАШОВСКИ, МАЈСТОРОТ НА СВЕТЛИНАТА ВО МРЕЖИТЕ И ВО ПЕЈЗАЖИТЕ

    МОНОГРАФИЈА ЗА СЛИКАРОТ ВЕЉО ТАШОВСКИ, МАЈСТОРОТ НА СВЕТЛИНАТА ВО МРЕЖИТЕ И ВО ПЕЈЗАЖИТЕВељо Ташовски (1949-2009) ја заврши Ликовната академија во Љубљана, каде што замина во 1970, а остана до 1983, кога се врати во Македонија. Овде бавно беше прифаќан дури и во периоди кога критиката високо ја ценела апстракцијата. Беше професор на ФЛУ. Мрежата е клучен дел од творештвото на Ташовски со која тој доловува илузионистички момент како контраст на монохроната заднина (Фото: НГМ)

    Уметникот кој ја примени европската современа уметност во своето творештво, а потоа како македонски автор даде свој придонес на европската сцена, е Вељо Ташовски (1949-2009) чија моногрфија на авторот Владимир Величковски во издание на Националната галерија на Македонија, излезе од печат и беше промовирана во Даут пашин амам.

    На промоцијата на изданието на македонски и на англиски јазик со над 70 фотографии, насловено „Вељо Ташовски – живот и дело“, околу овие европски  врски на авторот говореше ликовниот критичар и автор на текст во монографијата  од Загреб, Милан Бешлиќ. Тој подвлече оти ниту еден класик на светската ликовна уметност не можеме да го читаме, ако претходно не сме читале книги за него, па затоа и се неопходни ваквите изданија.

    Автор на монографијата е професорот Владимир Величковски, кој со ликовниот критичар од Загреб, Милан Бешлиќ и со професорот Костадин Танчев-Динка го промовираа изданието на Националната галерија на Македонија (Фото: НГМ)

    За Ташовски потсети дека тој беше референтен сликар на хрватската сцена, а дека токму Бешлиќ ја подготвил и неговата последна изложба во Загреб која доживела голем успех, а била пред самата ненадејна смрт на авторот.

    Ташовски е роден во Осој, дебарско, па мијачкиот крај имал големо влијание во неговите афинитети, згора што и татко му и брат му се занимавале со сликарство. Академијата ја звршува во Љубљана, каде што престојува од 1970 година, и каде што продолжува со постипломски студии и со работа и живот до 1983 година, кога се враќа во Македонија. Уште во студентските денови е препознаен во тогашаниот ликовен југословенски простор добивајќи ја наградата „Франце Прешерн“. Член е на Словенечкото друштво на ликовни уменици, а потоа и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Од 1987  тој е професор на Ликовната академија во Скопје.

    За оваа монографија голема благодарност од авторот и од Националната галерија беше упатена до неговата сопруга Румена, која рекоа го одржува ателјето на Веле, исто онака пендантно како својата лекарска ординација.

    Веле како што го викаат пријателите, не беше експонирана личност во македонската култура, и неговото прифаќање во творечките кругови одеше тешко. Тоа го забележува и професорот Величковски во книгата, а и на промоцијата каде што беа неговите соседи-уметници од сликарската уличка  во Сарај. Пријателите и колегите велат дека Ташовски беше мирен, повлечен, уметник кој живееше за уметноста, а не од неа, човек кој не привлекуваше големи случувања околу себе.

    Историчарката на уметност Конча Пиркоска вели, настрана творештвото, Ташовски го памети како професор од ФЛУ кој имаше суптилна иронија и автоиронија:„На студентите кои не беа редовни, и ќе дојдеа по 15 дена, ќе им речеше, ‘ако ви е добро, дојдете пак’“.

    Во промоторите беше и професорот Костадин Танчев-Динка, кој рече дека е горд на ова издание во 13 поглавја за разните фази на Ташовски, зашто се случува во период кога нема речиси никаква ликовна критика и теорија во земјава.

    „Веле беше бавен, а плоден сликар. Неговото творештво се базира на класичното сликарство кое потоа го напушта и создава свој творечки јазик кој се базира на пластичното сликарство“, рече Динка за својот пријател кој, вели, беше уметник чии дела се создавани по принципите на музиката.

    Професорот Величковски  се јавува како автор од аспект на ликовен критичар, но и на историчар на уметност, па вели, некои следни генерации можеби ќе ги преиспитуваат и неговите ставови.

    Во творештвото на Вељо Ташовски не се потенцирани национални обележја, тој е апстрактно-фигуративен сликар. Широко е познат по своите мрежи кои ги слика уште во раните фази, а потоа делата ги создава двослојно, сликајќи ја мрежата на тенка свила која е неколку милиметри пред платното каде што се отсликува нејзината сенка. Внатре има простор кој струи, на платната во разни фази има различни мотиви, линии, сенки кои создаваат илузионистички слики. Просторот за Ташовски, боите, светлото и сенките се примарните аспекти кои го одбележуваат како автор.

    „Мрежата е место пред која има нешто, но и место зад која има нешто“, се вели во книгата, која хронолошки доаѓа до последната фаза на авторот каде што, како што пишува Величковски, како да доаѓа до ослободување на уметникот, па тој слика бесконечни и медитативни пејзажи кои соодејствуваат на неговиот темперамент.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира