МУ ГИ ТРГАВМЕ СЛИКИТЕ ОД ПРЕД ОЧИ, ОТИ ОД МНОГУ ЕНЕРГИЈА ЦРТАШЕ ВРЗ ГОТОВИ ДЕЛА, ВЕЛИ СИМОН ШЕМОВ ЗА ВУЈКО МУ ПЕТАР МАЗЕВ

    МУ ГИ ТРГАВМЕ СЛИКИТЕ ОД ПРЕД ОЧИ, ОТИ ОД МНОГУ ЕНЕРГИЈА ЦРТАШЕ ВРЗ ГОТОВИ ДЕЛА, ВЕЛИ СИМОН ШЕМОВ ЗА ВУЈКО МУ ПЕТАР МАЗЕВ„Никогаш не сум цртал детски цртежи, благодарение на него, тој ме тераше да не измислувам туку да работам по модел. Не беше строг, туку ме оставаше сам да посакам нешто да правам“,- Професорот Симон Шемов на отворањето на изложбата (Фото: Национална галерија на Македонија)

    Петар Мазев e уметник со неодолива харизма, кој секаде одеше со штафелајот, боите и четките. Организираше незаборавни седенки, пееше народни песни, слушаше опера, но имаше и моменти кога се ќе му дојдеше преку глава и заминуваше да слика во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Ова се дел од описите за Петар Мазев, вујко на уметникот и професор Симон Шемов, кои тој ги сподели со нас при посетата на изложбата „Петар Мазев – 90 години од раѓањето“, која ќе трае  25 јануари во Националната галерија на Македонија – Даут пашин амам.

    Кустоси на изложбата се Маја Неделковска – Брзанова и Татјана Бундалевска, со стручна соработка на Соња Абаџиева – Димитрова. Од отворањето на изложбата на 2 ноември 2017 до овие денови, поставката ја виделе 10.000 посетители.

    За време на изложбата на Мазев, Националната галерија организираше едукативни предавања и работилници за децата од скопските основни училишта; – Кустосите Елена Иванова и Маја Димитрова со основци од едно скопско училиште (Фото: М. Златевска)

    Мојот вујко беше жив пример кој од мали нозе ми покажа што е тоа вистинското во уметноста. Од дете го сметав за најважната личност на светот, подоцна и појдов по сите негови примери како треба да се образува ликовен уметник, а тој беше прекрасен учител. Тоа беше личност со неодолива харизма , одев по него како мало кученце, уште од предшколска возраст, гледајќи што тој црта. Никогаш не сум цртал детски цртежи, благодарение на него, тој ме тераше, да не измислувам туку да работам по модел. Не беше строг, туку ме оставаше сам да посакам нешто да правам. Тој секогаш работеше портрети по модели, беше окупиран со портрети и човечката фигура. Најчест модел му бев јас, и бидејќи го гледав како работи, бев сведок на неговото творештво за време на студиите на Академијата во Белград и после кога се врати во Скопје“, вели Шемов, чија мајка е сестра на Мазев.

    По секое предавање и прошетка низ Даут пашин амам, децата учествуваа на работилница „Мазев и јас“ каде твореа свои дела инспирирани од големиот уметник. На крајот на годинаата имаше завршна хуманитарна изложба од делата на учениците (Фото: М. Златевска)

    Професорка на Мазев во Белград му била Зора Петровиќ, познат југословенски експресионист, меѓутоа по Академијата, Мазев се бунтувал против нејзиното влијание. Тој сакал влијанија, но да бидат преточени низ неговата лабораторија. Од почетокот се лутел што не можел да се оддели од нејзините поуки, но тоа фаза брзо му поминала. Подоцна, Мазев се интересирал за сите движења, од Белград донел голема библиотека, се интересирал за експресионизмот од Франција, Италија, Германија, но и тоа интересирање брзо поминало, потоа главно цртал портрети и фигури.

    Портретот е главната работа во неговото творештво. Ги сликаше блиските околу себе, внуците, пријателите и тоа беше главниот момент со кој почна да го развива својот експресионистички интерес за човечкиот лик, физиологијата. Така почна Мазев“, раскажува Шемов.

    Ако сметал дека некоја слика не е завршена или му поминал меракот за таа тема, сликал врз неа.

    „Ние се трудевме да му ги тргнеме тие слики од пред очи за да не ги менува“, се смее Шемов.

    Изложбата на Мазев ја посетија над 200 ученици од 10 основни училишта од Скопје (Фото: М.Златевска)

    Мазев како темпераметнен и нестрплив карактер често ги менувал интересите, правел комбнинации од стари слики. Од фигуративна ќе преминел во нефигуративна уметност, некои фигуративни слики ги надополнувал, ги сечел, пресликувал, ставал елементи од некоја фигуративна проблематика, квадрати, правоаголници, ги комбинирал старите слики со новите интереси. Така почнала и белата фаза во неговото творештво.

    Шемов се сеќава на престоите во Бигорскиот манастир, во 1960-те години, кога и ја изработиле големата слика што денес се наоѓа во фабриката на поранешна Железара во Скопје.

    Во Бигорски почнавме заедно да работиме цела група, Мазев, внуците. Таму сликаше главно фигури на некои од пристутните во манастариот, стари луѓе кои како деца биле оставени во манастирот, тие му беа интересни. 

    Тимот кој повеќе од една година со голема посветеност и ентузијазам работеше на поставката „Петар Мазев- 90 години од раѓањето“ – Татјана Бундалевска, Маја Неделкоска-Брзанова, Дита Старова-Ќерими, Соња Абаџиева-Димитрова и Маја Чанкуловска (Фото: М. Златевска)

    Јас бев одговорен да го составам цртежот на сликата, со огромни димензии, 4 на 3 метри, со прилично интересни постапки, летечки фигури, блиски на Тинторето, италијанскиот ренесансен сликар. Тоа се големи фигури, во натприродна димензија во разни лебдечки положби. За жал цртежот таму го направивме, но не го сочувавме. После тоа, јас бев техничарот кој требаше да го пренесам цртежот на подлога. Еден ден отиде да се одмора, претходно сликаше многу долго, и ми даде инструкции што да пополнам. Јас се заборавив и почнав да сликам како да сум јас автор (ха, ха).  А требаше да се слика со замав, со големи четки и големи површини, со пасти, со акција. Кога дојде, се налути, но некои работи му се допаднаа па ги остави и на крајот кога ја завршивме и ја монтиравме, и бидејќи јас многу интензивно учествував во работата, тој реши да ја нарече ‘Заедничка слика ‘ меѓу мене и него. Иако сметам дека тоа не е праведно, јас учествував, но сепак е негова слика. Не е ни мој стил ниту мое гледање на работите. Ми рече, се двоумев, но се потпишав и јас“, вели Шемов.

    Кустосот Елена Иванова со децата гости на изложбата за Мазев пред делото „Пеперутка на трн“, масло на платно, од 1972/73 година (Фото: М. Златевска)

    Професорот раскажува дека кога Мазев го градел ателјето во скопски Сарај, на неколку пати го сменил планот на архитектот. Или нешто рушел, или преместувал, и кога и да дошол архитектот, наидувал на промени, како на пример, подот во ателјето кој Мазев три пати го сменил. Ателјето било многу популарно во уметничката фела, Мазев ги канел и пријателите и луѓето кои ги запознавал во секојдневниот живот, а кои ќе му го привлечеле вниманието.

    Многу му се допаѓаа необичните луѓе, неконвенционалните, каков што беше и тој. Луѓе кои не признаваа некои стандарди, ги викаше ‘особењаци’, со нив се согласуваше добро. Во секое време се собираа многу луѓе, и кога ќе му дојдеше преку глава, тогаш бегаше во манастирот“, вели Шемов.

    Мазев многу сакал музика, па како што вели неговиот внук, од него научил дека покрај народна, има и класична музика.

    Поставката содржи 70-на дела, работени во различни техника масло на платно и масло на панел, комбинирана техника на платно и панел. Станува збор за дела помалку познати или речиси непознати за јавноста, дела кои биле малку или воопшто не биле изложувани (Фото: М. Златевска)

    Слушаше многу оперска музика, но одлично ги пееше староградските песни. Беше голем мераклија да запее во друштво. Се дружеше со музикални луѓе и често пати присутвував на тие собири со гитари, хармоники, со храна, мезиња. Капка алкохол во животот не проба, а толку се веселеше, како никој друг од тие што беа поднапиени. Па ќе ми искоментираше некој ’ Овој вујко ти многу пие’. Музиката многу му го подигнуваше расположението, знаеше и да заигра сред некој собир. Организираше музички концерти, уметнички настани. Една од првите јавно преставени композиции на Тома Прошев беше во ателјето. Не можеше без луѓе“, вели Шемов.

    Во друштвото, вели Шемов, беше секако и Глигор Чемерски, кој е внук од постарата сестра на Мазев. Се дружевме, си помагавме, но некако јас бев поприврзан со него и поприсутен, вели тој. Од бројните соработки, Шемов се сеќава и на работата на мозаикот во Стопанската банка во ГТЦ, кога како негов асистент ги подготвувал материјалите.

    Мазев како нетрпелив, знаел да помести некој камен, па одново морало да се чисти, дотерува и премачкува.

    Централно место во една од просториите на Даут пашин амам зазема „Крстот“, масло на платно од 1971 (Фото: М. Златевска)

    Тогаш морав да го дисциплинирам и му реков дека ако не се придржува на моите совети, нема да можам да работам. И така, ме остави да го изведам тоа соодветно. Брз беше, сакаше сè брзо да се направи. Ќе слика нешто, па ќе го закачи на ѕид, па пак назад. Бидејќи работеше на големи површини, не сакаше да работи на скала и твореше на под“, се сеќава Шемов.

    Мазев бил многу емотивен по природа, животот би го дал за пријател. Кај него немало средина, не знаел да прави лице, и често знаел да се згрози од некои работи.

    Затоа знаеше да се судри со личности од важност, не знаеше да премолчи, па некогаш имаше и проблеми затоа што во лице ја кажуваше вистината.

    Тимот од Националната галерија вели дека јубилејнава изложба, ако внимателно се проследува, претставува всушност лична карта на Мазев (Фото: М. Златевска)

    Често знаеше да ги промени односите во уметноста. Ќе речеше, ‘А, тоа сум го сликал досега, не важи веќе’. Ние се смеевме, затоа што знаевме дека не е така. Неговиот интерес беше дека тоа што сега го слика, тоа е најважното и најдоброто“, вели Шемов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира