НА ОВИЕ ПРЕКРАСНИ ПЛАНИНИ, ЃУБРЕТО ШТО ЌЕ СИ ГО ДОНЕСЕТЕ,  ПОТОА ТРЕБА И ДА СИ ГО ОДНЕСЕТЕ, ВЕЛИ БРИТАНСКИОТ АМБАСАДОР ЧАРЛС ГАРЕТ

    НА ОВИЕ ПРЕКРАСНИ ПЛАНИНИ, ЃУБРЕТО ШТО ЌЕ СИ ГО ДОНЕСЕТЕ,  ПОТОА ТРЕБА И ДА СИ ГО ОДНЕСЕТЕ, ВЕЛИ БРИТАНСКИОТ АМБАСАДОР ЧАРЛС ГАРЕТПрашање на лична одговорност е да не се фрла ѓубрето во оваа прекрасна природа што ја имате во Македонија - амбасадорот Гарет и неговиот син Вилфрид на врвот Мусици со група македонски планинари - (Фото: Ж. Здравковска)

    Иако имаа можност до планинскиот врв Мусици ( 1788 мнв) да се искачат со теренско возило, британскиот абасадор Чарлс Гарет и неговиот син Вилфрид одлучија стрмната патека да ја минат пеш. Тие вчера уживаа во искачувањето на Бушева Планина во Крушевско, активно учествувајќи во планинарскиот марш „Заедно кон врвот“ што по повод Денот на нзависноста на Македонија го огранизираа Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

    Пред искачувањето  вкусија топло крушевско ѓеврече. Потоа се измешаа со граѓаните кои беа околу министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, но и со околу двесте планинари кои виорејќи го македонското знаме тргнаа во освојување на врвот.  Без проблем пеш минаа дваипол километри по врвиците на планината кои во поголемиот дел беа доста стрмни.

    Амбасадорот Гарет за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека е воодушевен од природните убавини на Македонија и не пропушта можност кога има слободно време да планинари.

    „Имате извонредни планини и природа, подобро е од било каде во Европа, па и во светот од она што сум го видел. Она што ми се допаѓа кај планините е нивната висина, свежиот воздух, убавата природа, прекрасни дрвја, карпи, фантастично, се е многу прекрасно“, рече Гарет.

    Амбасадорот и синот пред манастирот Свето Преображение во Крушево, од каде се поаѓаше пеш до врвот. Манастирот беше едно од омилените места на Тоше Проески. Амбасадорот рече дека за Тоше знаел уште пред да дојде во Македонија и дека бил национална гордост, а дека неговата смрт била голема трагедија и загуба за македонскиот народ. – (Фото: Ж. Здравковска)

    Ни откри дека минатиот викенд  со сопругата и синот  го искачиле Титов врв, највисоката точка на Шар Планина. Рече дека биле воодушевени од прекрасната глетка зашто од горе можеле да ги видат Голем Кораб, Љуботен, делови од Македонија , Косово,  Албанија. Пред неколку месеци ја искачиле Солунска Глава, која ја нарече центарот на Македонија, а биле и на Осоговските планини..

    „Многу често планинариме. Дипломатскиот живот е често минување на времето во канцеларија , секогаш изгледа исто, под климатизери и седење на биро долго време. Јас мислам дека природно е да се биде надвор, на чист воздух, опкружен со убавина, да ги користиш твоите нозе за пешачење. Искачувањето планини е одличен начин да внесеш баланс во дипломатскиот живот“, вели Гарет.

    Она што не му се допаѓа е расфрланото ѓубре за кое вели дека ја нагрдува природата. Посочува дека има два проблеми, а тоа е сметот што се создава во општините и помалите количини на ѓубре фрлени насекаде во природа. За пример, го посочи Тетово, каде што рече дека е жални од толку голема и убава планина од питорескните села и викендички, да имаш поглед на депонија. „Мора да се најде решение за да се отстрани ѓубрето и пренесе на место каде прописно ќе се преработува“, вели тој.

    За малите депонии што се создаваат од ѓубрето оставено покрај патиштата и низ убавата природа тој вели: „Тоа е прашање на лична одговорност. За да бидат местата посетени и да ви биде пријатно, тие треба да се  чуваат чисти, да се едуцира јавноста дека треба да го отстранува ѓубрето од убавите природни места“.

    „Се што ќе си донесете, треба и да си го однесете“, порача британскиот амбасадор Чарлс Гарет кој вчера со синот планинареше во Крушевско.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира