Најголемата светска компанија за луксузни добра ЛВМХ го купи „Тифани“, прославениот американски производител на накит, за повеќе од 16 милијарди долари.
„Наследството на ‘Тифани‘ е неспоредливо и одлично ќе се вклопи во други наши брендови, како ‘Луј Витон‘ и ‘Булгари‘“, изјави сопственикот на ЛВМХ Бернар Арно, кој е најбогат Европеец.
„Тифани“, кој се соочи со намалена продажба на накит, важи за еден од симболите на Њујорк и неговата централна продавница се наоѓа веднаш до кулата „Трамп“ на Петтата авенија. Основана во 1837 година, компанијата вработува повеќе од 14.000 луѓе и има над 130 продавници.
Арно го предводи пазарот на луксузни добра откако во 2011 го купи „Булгари“ за 5,2 милијарди долари, но „Тифани“ е неговата најголема аквизиција досега.
Во составот на ЛВМХ се 75 брендови, со 156.000 вработени и мрежа од повеќе од 4.500 продавници. Тоа ги вклучува „Кристијан Диор“, „Кензо“, „Дом Перињон“ и „Таг Хојер“.