НАЈГОЛЕМИОТ АМБАСАДОР НА ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА – ДЕЈВИД АТЕНБОРО НАПОЛНИ 100 ГОДИНИ И СÈ УШТЕ НЕУМОРНО РАБОТИ

    НАЈГОЛЕМИОТ АМБАСАДОР НА ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА – ДЕЈВИД АТЕНБОРО НАПОЛНИ 100 ГОДИНИ И СÈ УШТЕ НЕУМОРНО РАБОТИАтенборо го посвети својот живот на конзерваторството и во ТВ-кариерата долга над седум децении беше автор и водител на стотици серии и емисии за природата (Фото: Би-Би-Си)

    Омилениот светски документарист и конзерватор Дејвид Атенборо изјави дека е преплавен од пораки за неговиот 100. роденден, што го слави денеска. По тој повод, синоќа се одржа специјален концерт во „Ројал Алберт хол“ во Лондон, како кулминација на еднонеделните роденденски настани.

    „Мислев дека ќе го прославам мојот 100. роденден тивко, но се чини дека многумина од вас имале други идеи. Целосно сум преплавен од честитки за роденден, од групи од предучилишна возраст до жители на домови за стари лица, како и од безброј поединци и семејства од сите возрасти. Едноставно, не можам да одговорам на секој од вас посебно, но би сакал да ви се заблагодарам на сите најискрено за вашите љубезни пораки“, кажа Атенборо во аудиопорака.

    Водителот, чиј милозвучен глас со децении ги открива и опишува чудата на животот на Земјата, инспирираше глобални напори за почитување и заштита на дивиот свет за време на својот животен век, во кој сведочеше и на масовното истребување и на распаѓањето на стабилната клима.

    Атенборо на почетоците на ТВ-кариерата во 1950-тите (Фото: Гети)

    „Дејвид е најголемиот амбасадор на животот на Земјата што планетата го имала и ќе го има. И, подеднакво важно, тој е фин човек, ентузијаст, страстен натуралист и паметен и промислен комуникатор. Го сакаме затоа што му веруваме и затоа што секогаш ни ја кажувал вистината“, изјави британскиот природонаучник Крис Пекам.

    Атенборо го посвети својот живот на конзерваторството и во ТВ-кариерата долга над седум децении беше автор и водител на стотици серии и емисии за природата.

    Почнал да работи за Би-Би-Си во 1952 откако ја напуштил кралската морнарица и првиот ТВ-ангажман во странство му бил во Сиера Леоне во 1956 година. Оттогаш, многупати ја обиколил Земјата и ги прошетал сите континенти, запознавајќи нови и необични живи суштества, но и сведочел на штетата што ја предизвикал човекот. Во изминатите години, документарците на Атенборо ја шират пораката за спас на планетата и тој беше еден од првите кој предупреди на проблемот со климатските промени.

    За него се вели дека е човек кој најмногу пропатувал во историјата, со исклучок на астронаутите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира