113-годишната Марија Бранјас, за која се верува дека е најстарата жена во Шпанија, успеала да го победи коронавирусот, објавија официјални лица.
На Бранјас ѝ бил дијагностициран КОВИД-19 откако Шпанија прогласи карантин во март и по неколку недели изолација, таа заздравила, покажувајќи само благи симптоми. Тоа значи дека Бранјас досега ги има преживеано пандемијата на шпанскиот грип во 1918/19, Шпанската граѓанска војна 1936-1939 и сега коронавирусот.
„Таа е добро. Сака да зборува, објаснува, да се навраќа. Повторно е онаа старата“, изјави нејзината 86-годишна ќерка.
Родена во Мексико во 1907 година, Бранјас дошла со татко ѝ новинар во каталонската провинција Џирона за време на Првата светска војна. Таа одгледала три деца, а добила и 11 внуци и 13 правнуци.