НАЈУБАВО СВИРАМ НА КИРИЛИЦА – ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ГО ПРОМОВИРАШЕ АЛБУМОТ „МАЈЧИН ЈАЗИК“

    НАЈУБАВО СВИРАМ НА КИРИЛИЦА – ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ГО ПРОМОВИРАШЕ АЛБУМОТ „МАЈЧИН ЈАЗИК“Во интимна, но топла и пријатна атмосфера, опкружен со две гитари, 3 микрофони и еден контрабас, Стефановски ги претстави акустичните верзии на некои од најпознатите македонски народни песни, како и песни од „Леб и сол“ (Фото: М. Златевска)

    Со  „Фала ви што дојдовте“ го почна концертот, а со „Наздравје, Скопје“ го заврши. Најдобриот македонски и балкански гитарист Влатко Стефановски синоќа во полната сала на Македонската филхармонија го одржа првиот од трите најавени концерти за промоција на 35. албум, но прв акустичен, во неговата кариера, „Мајчин јазик“.

    Стефановски, со Верче Милошевска и Оливер Јосифовски од „Љубојна“ ги изведоа „Елено ќерко“ и „Јано мори“ (Фото: М. Златевска)

    Во интимна, но топла и пријатна атмосфера, опкружен со две гитари, 3 микрофони и еден контрабас, Стефановски ги претстави акустичните верзии на некои од најпознатите македонски народни песни, како „Море сокол пие“, „Зошто си ме мајко родила“, Касапско оро, Пелистерско оро, „Јовано, Јованке“, и секако на голема радост на публиката, „Приспивна за Радмила М“, „Џипси сонг“, „Вера, надеж, љубов“.

    Амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец меѓу гостите во публика (Фото: М. Златевска)

    „Решив да снимам интимен албум и да им се обратам на моите фанови и на моите слушатели, директно од мојата гитара на нивното увце.

    Насловот го смислив имајќи на ум дека снимам автентична музика. Постојат работи кои се автентични и кои се наследени, и оние кои ги стекнуваме со нашето образование и желба за сознавање. Но, некои работи се природни и ги носиме во себе.

    Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам“, рече неодамна гитарската легенда.

    Доскорешната уставна судијка Наташа Габер – Дамјановска (Фото: М. Златевска)

    Со специјалните гости , Верче Милошевска и Оливер Јосифовски од „Љубојна“, српската етно пејачка Биља Крстиќ и примадоната на македонската Опера, Весна Ѓиноска- Илкова ги изведоа: „Елено ќерко“, „Јано мори“, „Димитријо, сине Митре“, „Македонско девојче“.

    Поранешниот скопски градоначалник Ристо Пенов (Фото: М. Златевска)

    Концертот заврши по настапот со Ѓиноска- Илкова, но по долгиот аплауз Стефановски се врати на бис и рече: „ После Весна нема што да се пее. Сега ќе ја свирам ‘Бистра водо’ по која нема што да се свири“, рече големиот музичар, но сепак финале на концертот беше легендарната „Скопје“ од „Леб и сол“ во придружба на гостите.

    Заменик министерот за култура Владимир Лазовски со сопругата (Фото: М. Златевска)

    Албумот е издание на „Кроација рекордс“, а концертите ги организира „Баги комуникации“.

    Вечерашниот концерт е од 20, 30 часот, а во истиот термин е и третиот концерт во вторник.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира