НАСА ОБЈАВИ ДЕКА ПРОНАШЛА ОРГАНСКА МАТЕРИЈА НА МАРС

    НАСА ОБЈАВИ ДЕКА ПРОНАШЛА ОРГАНСКА МАТЕРИЈА НА МАРСОва откритие, сепак, не дава доказ дали некогаш имало вонземски живот на Марс и дали би можело да го има (Фото: НАСА)

    Истражувачкото возило на НАСА, „Кјуриосити“, пронашло сложена органска материја на Марс, закопана и зачувана во древни седименти, кои формирале огромен езерски базен пред повеќе од три милијарди години.

    Ова откритие е досега најинтересниот доказ дека многу пред да стане исушен свет каков што е денес, езерата на Марс биле богати со јаглеродни соединенија потребни за живот. Ова, сепак, не дава доказ дали Марс некогаш бил дом на вонземски живот и дали би можело да го има.

    „Ова тукушто ги зголеми нашите шанси да пронајдеме знаци на древен живот со идни мисии, ако тој воопшто некогаш бил присутен на Марс“, изјави Ашвин Васавада, научник од проектот „Кјуриосити“.

    Истражувачите не можат да кажат како се формирала оваа органска материја, што остава низа отворени прашања: дали е остаток од древни организми, производ на хемиска реакција со карпи или, можеби, била донесена на Марс од комети.

    „Со овие нови откритија, Марс ни кажува да продолжиме да бараме докази за постоење живот. Сигурен сум дека идните мисии ќе ни донесат уште повоодушевувачки сознанија за црвената планета“, додава Васавада.

    Површината на Марс денес е целосно непријатна, но во далечно минато, тука имало течна вода, што можело да поттикне живот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира