За да се препознаат лажни вести и да се добијат точни информации креиран е интерактивен онлајн курс за медиумска писменост „Добро проверено“.
„Добро проверено“ е единствениот целосно бесплатен интерактивен онлајн курс за медиумска писменост кај нас, кој откако ќе се заврши се добива сертификат. Сервисот е креиран од ИРЕКС.
„Дали некои објави што ги среќавам на социјалните мрежи манипулираат со моите емоции? Дали насловите што ги читам се точни? Ова се прашањата кои често си ги поставуваат граѓаните и затоа е креиран овој курс“, велат од ИРЕКС.
Курсот има пет поглавја преку кои се учи како да се биде информиран без при тоа читателите да бидат манипулирани од медиумските содржини. Преку курсот учесниците ќе се запознаат подобро со македонскиот медиумски простор, видовите медиуми кај нас, со посебен акцент на социјалните медиуми и справувањето со новите форми на дезинформации и манипулации.
Курсот содржи многу забавни квизови, видеа и интерактивни алатки. За да се заврши потребно е заинтересирани да се регистрираат на веб страната на курсот Добро Проверено (verified-education.org), да ги следат петте поглавја и да се реши квизот.