Десет години не е родено машко дете во полското село Мјесце Одржански. Овој податок го привлече вниманието на светските медиуми кога селото испрати тим целосно составен од девојки на регионален натпревар за млади пожарникари волонтери.
Градоначалничката Кристина Зидзиак вели дека ситуацијата во селото е „малку откачена и надвор од контрола“.
Во изминатиов период, четири телевизиски екипи направија репортажи за селото со 96 куќи.
„Некои научници се заинтересираа да испитаат зошто само девојчиња се раѓаат овде. Постојано добивам повици од доктори од целата земја со совети како да се зачне момче“, вели Рајмунд Фришко, градоначалник на областа Чизек, во која спаѓа селото. Неодамна му се јавил доктор од централна Полска кој вели дека полот на бебето зависи од исхраната на жената, и дека треба да биде богата со калциум ако сака да роди момче.
„Ако и тоа не успее, секогаш е тука советот од полските селани: Ако сакате син, чувајте секира под брачниот кревет“, се смее градоначалникот.
Како и повеќето полски села, и во ова има пад на наталитетот. После Втората светска војна имало 1.200 жители, сега има 272.
Од последниот пат кога се родило машко дете, имало 12 породувања во селото, кое се наоѓа во најненаселената област во Полска. Жителите не знаат на што се должи аномалијата, но повеќето сметаат дека е само коинциденција.
„Толку многу се зборува за ова во медиумите што дури размислувам, кога ќе се роди момче да именуваме улица по него, дури и да засадиме даб во негова чест. Тоа ќе биде убав подарок за него“, вели Фришко.