Најголемата и најамбициозна бразилска експедиција во последните децении да се стапи во контакт со доброволно изолирано домородно племе беше прогласена за успешна, откако таа отиде длабоко во недостапните предели на амазонската џунгла.
Триесет луѓе успешно контактирале и вакцинирале 34 припадници на племето Корубо, кое живее на бразилско-перуанската граница и е во спор со некои околни племиња, што понекогаш знае и да ескалира.
„Имавме неверојатни моменти кои никогаш нема да ги заборавиме. Се надеваме дека племето Корубо ќе живее добро отсега“, изјави лидерот на експедицијата Бруно Переира.
Ова племе живее од лов и одгледува банани, пченка и маниока.
Експедицијата тргнала на 3 март долж реката Коари во долината Жавари, зафрлен и недостапен домороден резерват со големина на Австрија. Се верува дека во оваа густо пошумена област од 50.000 квадратни километри живеат околу 6.000 домородни луѓе од осум племиња и 16 доброволно изолирани групи. Шумата била пребарувана една недела пред да се открие првото село и контакт со племето Корубо конечно бил остварен на 19 март.
„Сите членови на групата ги вакциниравме против сипаници и грип, кои за нив можат да бидат смртоносни и сите се добро“, вели Переира.
Племето Корубо има долга историја на отпор кон странци и првпат било контактирано во 1996.
„Тие беа многу сомничави кон нас. Не им се допаѓаше нашиот мирис, мирисот на сапун“, вели Переира.