Само што слетав патнички авион на аеродромот во Будимпешта. Приземјувањето не беше баш удобно. Некако грубо го треснав авионот на пистата. Да бев вистински пилот, сигурно немаше да добијам аплауз од патниците. И потоа нагло закочив пред да свртам кон патничкиот терминал. Да беше вистински авион, оние патници што се недисциплинирани и ги игнорираат предупредувањата од кабинскиот екипаж и веднаш стануваат од седиштата додека авионот уште се движи кон паркирната позиција, ќе си ги испокршеа главите…
Аплауз секако добив. Не од патници, туку од неколкумина колеги новинари кои во тој момент беа зад мене во мобилниот симулатор за летање, во тренинг-центарот на унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ во близина на Будимпешта.
Многу сакам да патувам. Особено да летам. Порано си играв дома на компјутер на флајт симулатор. Сега сум пораснат. На ајпедот имам виртуелна авиокомпанија со десетина авиони, па ги менаџирам линиите – кој тргнал, кој се расипал, кој задоцнил, кој лет се откажал, кој пилот се разболел…. Затоа, ниту во еден дел од секундата не се двоумев да ја прифатам поканата на „Визер“, мојата редакција да биде дел од новинарската посета на тренинг-центарот на компанијата. И нормално, како капетан на СДК.МК, беше логично јас да им се придружам на колегите новинари од земјите во кои „Визер“ има свои бази, како што има во Скопје. Таква прилика не се пропушта.
Повод за оваа новинарска тура беше презентација на две алатки на „Ербас“ за обуки на пилоти. „Визер“ е првата компанија што ќе ги користи овие дигитални решенија како дополна на досегашната стандардна обука на пилотите на нивните авиони „ербас А320“ и „ербас А321“.
Станува збор за софтверско решение на „Ербас“ за тренинг во виртуелна реалност што се комбинира со мобилна обука како поддршка на пилотите што минуваат низ почетна и периодична обука. Едната алатка е сервисна дигитална платформа со е-обука и испити за различни категории за обука на пилоти, а виртуелната обука за пилоти е иновативно софтверско решение кое ги тренира пилотите во виртуелна пилотска кабина поединечно.
Новинарите имаа можност да ја испробаат оваа алатка. Станува збор за виртуелна пилотска кабина. За вежбање е потребно да имате компјутер, столче, некој паметен телевизор или ајпед, специјални палки за рацете и очила за виртуелна реалност со слушалки и микрофон. Секако дека ова не е замена за обука за пилотирање, но предноста е што кадетите со оваа алатка може да вежбаат во било кое време и било каде, дома, во хотелска соба, на пауза – не мора да бидат во тренинг-центарот со одреден термин.
За почетници е одлична. Во виртуелната кабина се запознаваш со сите копчиња, светилки, рачки што ги има во вистинската кабина, можеш да си поставиш аеродром од кој ќе леташ, временски услови, да ги учиш разните процедури вокоја било фаза од летот, да си избереш партнер со кој ќе леташ, да избереш дали ќе бидеш пилот или копилот, партнерот може да биде вистински во друг град, во друга земја и да бидете вклучени онлајн, или да си го измислиш, па виртуелно со себе во кабината да имаш друг пилот, да му избереш глас, да избереш дали ќе биде машко или женско, да ги слушаш командите на контролата на летање и слично….
Ние новинарите вежбавме што сѐ треба да направиме пред пред воопшто и да добиеме дозвола од контролната кула да ги запалиме моторите, а после поминувавме низ процедурата за проверка пред полетување. Се препотив од возбуда.
Тренинг-центарот на Визер во Будимпешта е опремен со три мобилни симулатори за лет за „ербас А320“ во кои се чувствуваат сите движења на авионот, дури и нерамнините на пистата. Има и фиксен симулатор. Ги пробав и двата. Не баш многу успешно, ама направив еден круг над Будимпешта со помош на вистински капетан – интсруктот.
Во тренинг-центарот се обучува и кабинскиот екипаж, стуардесите и стјуардите. И ние бевме дел од обуката за итна евакуација.
При итна евакуација, патниците мора да го напуштат авионот за само 90 секунди. Додека бевме во тренинг-центарот, тренерите, две искусни стјуардеси, симулираа дека има кршење на носачот на предното тркало, авионот лизгаше по пистата и потоа ние како патници буквално бевме исфрлени од авионот низ тобоганите што се активираат во случај на итност. Вежбав и отварање на врата за итни случаи. Тоа е онаа помошна врата во авионот над крилата, каде пто седиштата имаат поголем простор за нозете, ама пред полетување стјуардесата или стјуардот ве прашуваат дали знаете англиски и дали сте спремни да помагате во случај на итност. Ни симулираа пожар од едната страна на авионот, не беше баш пријатно, ама – вреди да се знае.
Покрај овој во Будимпешта, компанијата до крајот на годинава ќе отвори уште еден тренинг-центар во Рим. Виртуелните решенија за обука на авионите од фамилијата на “ербас“ се најновите дополнувања на центарот за обука на „Визер“ во Будимпешта.
Шарбел Јускатли, шефот за комерцијални услуги за Европа во „Ербас“, вели дека „решенијата за обука MATE Suite и VPT им нудат на пилотите пофлексибилна и поефикасна обука“, поздравувајќи ја одлуката на „Визер“ да биде прв клиент што ги користи овие две дигитални алатки разработени од европскиот производител на авиони.
Атила Товари од „Визер“ изјави дека оваа нова технологија на пазарот не само што ќе го револуционизира начинот на кој компанијата го обучува сопствениот летачки кадар, туку и целата авиоиндустрија.
„Нашиот екипаж често е и заштитно лице на авиокомпанијата и веруваме дека овие нови алатки ќе им овозможат да работат по највисоки стандарди“, вели Товари.
„Визер“ во моментов има флота од 201 авиони од производителот „Ербас“, А320 и А321. Како најбрзо растечка европска ултра нискобуџетна авиокомпанија планот им е до 2030 година да имаат 500 авиони од истиот производител и да обучат 4.000 пилоти во тренинг-центрите во Будимпешта и Рим.
Унгарската компанија има 33 бази во 16 земји и лета на над 200 дестинации низ Европа и на Блискиот Исток.
Во базата во Скопје во моментов се стационирани 4 авиони од типот А320, летово треба да дојде и петти авион, а по потреба компанијата од Скопје лета и со шест авиони А320 или А321.
Г. МИХАЈЛОВСКИ