Општинското средно стручно училиште „Ѓоце Стојчески“, попознато кај тетовци како Текстилно училиште, е едно од најстарите средни училишта во градот. Порано многу популарно кај младите пред сè поради развиената текстилна индустрија, а денес состојбата е сосем подруга. Од 2000 година нагло почна да слaбее интересот за овој вид средно образование, посебно кај учениците Македонци. Во 2005, поради енормно намелениот број запишани ученици, се прекина наставата на македонски и сега се одвива само на албански јазик. Меѓу професорите кои денес ја држат наставата во ова средно училиште е и Тони Богојевски, кој ги предава предметите од текстилната и прехрамбената струка. Tој предавањата ги држи на албански јазик кој извонредно го познава и говори.
„До 2001 година не го знаев албанскиот јазик. Можеби само неколку вообичаени зборови. Тогаш слушнав дека во Работничкиот универзитет во Тетово започнува курс за албански јазик. Се запишав на курсот не дека имав некаква потреба да го знам јазикот, туку чисто од љубопитност. Таму завршив три курсеви за изучување на албанскиот јазик. Така започнав и јазикот ми дојде мошне интересен. По завршувањето на курсевите почнав самиот да го учам и да го усовршувам јазикот. Секако тоа не беше така лесно. Голема помош имав од просесорката по албански јазик Феиме Ибраими, која многу ми помогна да ја совладам граматиката бидејќи тогаш немаше книги од каде да учам. Во 2004 го положив испитот за петти степен, а во 2005 добив решение за овластен судски преведувач од албански на македонски јазик и обратно во Основен суд Тетово. Потоа почнав и со држење приватни курсеви по школите и тие курсеви уште ги држам за оние кои се заинтересирани да го научат албанскиот јазик. Од пред пет години во Средното текстилно училиште, каде работам веќе 30 години, започнав да држам часови по стручните предмети од областа на текстилот и прехрамбената технологија на албански јазик за учениците од албанските паралелки“, вели Тони Богојевски.
Богојевски е еден од ретките а можеби и единствен Македонец во Македонија кој држи настава на албански јазик и за ова нема никаква законска пречка.
„Според Законот за средно образование, наставникот мора да го знае јазикот на кој се изведува наставата и тука ние немаме никаков законски проблем. Професорот Тони првин е стручно лице за предметите кои ги предава и како второ тој одлично го познава албанскиот литературен јазик. Затоа, кога кога се укина наставата на македонски јазик го ангажиравме професорот Тони кој веќе работеше тука и благодарение на неговото познавање на албанскиот јазик, почна да држи часови од стручните предмети на учениците од албанските паралелки. Најбитно од сето ова е што учениците многу добро го прифатија како наставник и никогаш и од никого, ниту од учениците ниту од нивните родители сме немале забелешка зошто Македонец им предава на нивните деца на албански јазик. Јас ова го гледам како еден добар позитивен пример на нашиот соживот. Еве, кога ќе се видиме понекогаш меѓу себе зборуваме на албански, понекогаш на македонски јазик. Често се случува јас да му се обратам на македонски, а тој да ми одговори на албански“, вели директорот на „Ѓоце Стојчески“ Абаз Абази.
Богојевски вели дека учениците најнормално го прифаќаат како професор па дури откако ќе дознаат дека е Македонец остануваат зачудени како толку добро го зборува нивниот јазик. Во сегашниве моменти, кога целокупната македонска јавност е преокупирана со донесувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик и со тоа што тоа ќе значи за иднината на државата, ставот на професорот Богојевски е јасен.
„Тоа е работа на политичарите, но јас како човек кој го знае албаскиот јазик не гледам ништо лошо во тоа и мислам дека ако се унапредат правата на користење на едниот јазик, конкретно на албанскиот, тоа не значи дека ќе биде на штета на другиот, односно македонскиот јазик. Всушност, нели човекот вреди повеќе колку повеќе јазици знае. Не гледам дека со ова ќе се загрози македонскиот јазик. Јас не сум ништо помал Македонец откако го научив албанскиот јазик. Сепак, многу е битно законот, односно употребата на албанскиот јазик да не се наметнува со сила бидејќи тогаш по правило се јавува отпор. Ако законот се почитува како што е предвидено и како таков, ако не задира во ниеден друг јазик, на него гледам како унапредување, а не како на штета кон другите јазици и најмалку кон македонскиот јазик. Не гледам ништо лошо во тоа ако човек има право да се обрати на својот мајчин јазик. Да гледав нешто лошо во тоа немаше да го научам албанскиот јазик“, Богојевски.
Професорот Богојевски течно го зборува литературниот албански јазик и вели ретки се тие што можат по неговото говорење веднаш да забележат дека тој не е Албанец.
„Така е и со моите ученици. Додека не разберат дека сум Македонец, мислат дека сум студирал во Албанија, бидејќи им зборувам исклучиво литературен албански јазик. На почетокот чудно им е но брзо се прилагодуваат и целосно ме прифаќаат. Ми се случило кога е Рамазанскиот пост во разговор да ме прашаат дали и јас постам и кога ќе се сетат дека не сум од исламска вероисповест се извинуваат и си се смеат самите на себе. Тие целосно ме прифатија и слободно можам да кажам, како се однесуваат на час кај професорите Албанци така се однесуваат и кај мене. Исто така интересно е дека, поради малку подругиот акцент, кога престојуваам во Албанија тие мислат дека сум од Косово. Но битно е дека сите можат убаво да ме разберат што зборувам, а и јас нив. Убаво ме разбираат и Албанците од Тетово, бидејќи тетовскиот дијалект на албанскиот јазик е толку специфичен и има по прилично зборови кои само тука се користат и никаде на друго место. Овој дијалект е многу тежок за учење и јас многу, многу ретко го користам, бидејќи се трудам да зборувам литературен јазик“, вели Богојевски.
Во наставничката соба за време на големиот одмор затекнавме десетина професори. Сите тие имаат само пофални зборови за нивниот колега Македонец.
„Слободно можам да кажам дека Тони зборува политературен албански јазик од повеќето нас наставници овде во школото. Често пати ми помага околу преводот од македонски на албански јазик, посебно за некои стручни поими поврзани со наставата“, вели професорот Музафер Ливорека, а со ова се согласуваат и сите присутни професори.
„Во последниве 2-3 години намален е интересот за учење на албанскиот јазик. Не знам зошто. Порано на курсевите што ги држев имаше повеќе Македонци кои сакаа да го научат јазикот, сега има најмногу по еден – двајца. Но исто така држам курсеви и за Албанци кои сакаат подобро да го совладаат македонскиот јазик. Тоа се студенти кои се запослиле во банки или некои други институции, а кои сакаат да го усовршат македонскиот јазик. Но и кај Албанците во последно време многу е опаднат интересот за доусовршување на македонскиот јазик. Дали на тоа влијае целата оваа фама околу донесувањето на Законот или во прашање е нешто друго, јас не знам“, вели Богојевски.
Тони Богојевски, кој е и магистер по прехрамбена технологија, не само што држи настава на албански јазик, тој активно работи и како преведувач на стручна литература. Досега за Министерството за образование превел 14 учебници за стручните училишта од македонски на албански јазик и еден учебник од албански на македонски јазик.
З. АНДОНОВ