Топли и искрени сеќавања за детството во битолските маала, за играта низ улиците, за родителите, братот, учителката по музичко, за убавиот мирис на јоргованите во мај, за Чинаро, Саато и Чифте фурни, пренесува писателот Драги Михајловски во новиот роман „Бдеењето на Одисеј“, кој во издание на „Просветно дело“ беше промовиран денеска на Саемот на книга.
Михајловски во 2013 го заврши колосалниот книжевен подвиг долг 30 години, со преводот на целокупното творештво на Вилијам Шекспир собрано во книгата „Сите драми и сонети на Шекспир“, каде на 1.653 страници се преведени 37 драми со посебен предговор за секоја одделно и сите 154 сонети со соодветен предговор.
Тој е еден од најомилените и најпочитувани професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, не само кај студентите, туку и кај колегите и книжевниците. Студентите, поранешни и сегашни, беа најбројни на промоцијата, кои покрај тоа што му честитаа и бараа автограми на книгата, му се заблагодаруваа за сè што им пренел како знаење, но и како искуство за животот, за љубовта.
За новиот роман, професорката Калина Малевска рече дека невозможно е секој кој ќе ја прочита книгата да не се потсети на своето детство.
„Во неа има толку убави сеќавања, толку топло напишани за еден период од животот кога, како што ни кажува Драги во романот, ’ја живееме својата бесмртност’“, рече таа.
Дејството се случува во Битола, некаде во 1950-те и раните 1960-ти години.
„Додека ја читав оваа книга, постојано се двоумев дали таа би можела да се нарече роман или збирка раскази, дали е книга за деца или за возрасни, дали е целосно автобиографска или има и фиктивни елементи. Но, како што е случај со сите добри книги, ’Бдеењето на Одисеј’ е отпорна на сите строги категоризации“, кажа Малеска.
Во приказните, рече таа, се искажува порака, се поттикнува младиот читател да размисли за сознанијата до кои писателот дошол низ своето животно искуство. Во нив некогаш нараторот вели: „Сами сте на овој свет! Живејте во сегашноста!“или „Нема сé по книгите! Животот треба да се учи од животот!“.
За насловот на романот, вели таа, кога почнала да ја чита ја асоцирал на Хомеровиот „Одисеј“ , како и на Џојсовите романи „Улис“ и „Бдеењето на Финеган“.
„Се израдував кога, на страница 72, видов дека Одисеј е исто така и името на едно момче, врсник на раскажувачот, кого го викале Цаки и кој заминал уште млад кај роднините во Канада. Имено, уште од дете секогаш се интересирав повеќе за книги и филмови кои не беа познати или за ликови во познатите книги и филмови кои многу малку се појавуваа и беа на маргините од приказната. Токму затоа и се израдував кога видов дека насловот се однесува не само на познатиот Одисеј, туку и на едно момче кое, иако непознато во јавноста, одиграло важна улога во животот на раскажувачот или, можеме слободно да речеме, авторот на романот. Со тоа, ’Бдеењето на Одисеј’ е и признание за важноста и вредноста на сите луѓе“, заклучи Малеска.
Го прашавме професорот Михајловски што да очекуваат читателите после оваа книга со сеќавања за детството, а тој весело одговори:
„Следната книга е веќе напишана, ќе излезе в година, а темата е христијанството и митологијата“.
Б. НЕСТОРОСКА