Александар Ѓаконов е името на ликовниот гениј чии дела беа неодамна откриени од битолскиот графички уметник Владо Ѓорески – Рафик. Вакви резултати даде графолошкото испитување на потписот на уметникот чии дела Ѓорески ги откри во депото на битолскиот Завод и музеј, кој со години откупувал цртежи, но дури сега било констатирано дека дел од нив се изработени од ист автор. Иако творел кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, сепак авторот повеќе од еден век останал анонимен за јавноста.
„Уметникот е битолчанец од семејството Ѓаконови. Се претпоставува дека еден од неговите потомци е истакнатиот македонски композитор Драган Ѓаконовски – Шпато. Со хроничарот на градот Александар Стерјовски ја истражувавме целата генеза. Ако се дооткријат сите детали околу него, се надеваме дека неговото значење во уметноста ќе биде како на браќата Манаки во кинематографијата во Македонија“, вели Ѓорески, кој воедно е и кустос по современа уметност во битолскиот Завод и музеј.
Александар Ѓаконов при сликањето користел бидермаер стил, поточно еден вид реализам, но разубавен и романтичен.
„Имаме 20 дела од авторот и со нив ќе направиме ревизија на современата македонска ликовна уметност. Досега се претпоставуваше дека таа почнува во 1930-тите години со Мартиновски, Личеновски, Пандилов. Но, овој автор покажува и докажува дека со овие дела современата македонска ликовна уметност почнува од крајот на 19 век. Тоа е сериозен момент не само за љубителите на ликовната уметност, туку е многу важен за проучувачите на нашата ликовна уметност. Ваква појава, ваков уметник, досега Македонија немала“, вели Ѓорески.
Дел од цртежите на Ѓаконов се поставени во новата галерија на современа уметност што деновиве беше отворена во битолскиот Завод и музеј. По тој повод, министерот за култура Роберт Алаѓозовски Ѓаконов го нарече основач на современата ликовна уметност во Македонија чии дела сигурно ја поместуваат границата на севкупната ликовна уметност на нашата земја.
Сите откриени цртежи на Ѓаконов од вторник ќе можат да се видат во рамки на изложбата „Македонскиот цртеж“ во битолскиот Завод и музеј, поддржана од Министерството за култура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА