НИ ТРЕБА ЕМ КУЛТУРА НА ГРАДЕЊЕ ЕМ ГРАДЕЊЕ КУЛТУРА- ОТВОРЕНО БИЕНАЛЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ АРХИТЕКТИ

    НИ ТРЕБА ЕМ КУЛТУРА НА ГРАДЕЊЕ ЕМ ГРАДЕЊЕ КУЛТУРА- ОТВОРЕНО БИЕНАЛЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ АРХИТЕКТИ„Оваа изложба е позитивното сфатено од Баукултур, позитивните примери како културно треба да се однесуваме кон нашиот сопствен простор“, рече вечерва во Музејот на Град Скопје, претседателот на ААМ, Мартин Пановски (Фото: К. Попов)

    На темата „Баукултур“ или „Култура на градење“, вечерва во полниот Музеј на Град Скопје се отвори 19. Биенале на македонската архитектура БИМАС 2018.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски вели дека Баукултур е можеби преширока тема, но смета дека е актуелна тема во Македонија бидејќи 20 и повеќе години, како што рече, тоа е она што нам ни недостига,

    Биеналето ќе трае до 27 септември, до кога ќе има настани како: детска работилница, изложба на илустрации на Зоран Кардула, изложба на фотографии на Даниел Ѓурчиновски, како и разговори на повеќе теми во МСУ (Фото: К. Попов)

    „Оваа изложба е позитивното сфатено од Баукултур, позитивните примери како културно треба да се однесуваме кон нашиот сопствен простор.  За жал кога ќе излеземе надвор од Музјот, првиот објект кој право ќе го видиме е онаков пример како не треба , т.е она што ни фали, култура на градење. Култура на градење не им фали само на архитектите, иако се можеби најповикани, култура на градење му фали на комплетното општество“, рече Пановски.

    Годинашниот претседател на Советот на Биеналето, Владимир Десков ја претстави програмата до затворањето на 27 септември, до кога ќе има настани како: детска работилница- Мала школа за архитектура, изложба на илустрации на Зоран Кардула, изложба на фотографии на Даниел Ѓурчиновски, како и Баукултур разговори за Проект Скопје и за градење култура.

    На изложбата се претставени проекти и реализации од областа на архитектурата, урбанизмот како и внатрешната архитектура и дизајн (Фото: К. Попов)

    „Биеналето е култна и културна манифестација, која по 19 .пат ги става на јавен увид достигнувањата од областа на архитектурата и нејзиниот квалитет во изминатите две години.

    Култура на градење и градење култура се двете нешта кои се актуелни и нам ни се неизмерно потребни и оттука тргнавме во поставувањето на годинашната тема“, рече Десков.

    На свеченото затворање на БИМАС на 27 септември, ќе се доделат повеќе награди како: Голема награда на БИМАС за реализиран архитектонски проект, за реализирање внатрешна архитектура, за најдобар индустриски дизајн, за урбанистички план или проект, награда од областа на архитектурата, внатрешната архитектура и индустриски дизајн како и специјална награда.

    БИМАС е поддржан од повеќе институции како: Министерството за култура, Град Скопје, Општина Центар и „Еуролинк осигурување“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари