НОВ ВИД ДИНОСАУРУС ОТКРИЕН ВО ТАЈЛАНД, ИМАЛ ВРАТ ДОЛГ 20 МЕТРИ И ЖИВЕЕЛ ПРЕД 150 МИЛИОНИ ГОДИНИ

    НОВ ВИД ДИНОСАУРУС ОТКРИЕН ВО ТАЈЛАНД, ИМАЛ ВРАТ ДОЛГ 20 МЕТРИ И ЖИВЕЕЛ ПРЕД 150 МИЛИОНИ ГОДИНИТревопасниот диносаурус, наречен Урагасаурус каласиненсис (Uragasaurus kalasinensis), се претпоставува дека живеел пред околу 150 милиони години. (уметничка илустрација)

    Палеонтолози во Тајланд открија нов вид диносаурус преку фосили пронајдени во североисточната провинција Каласин. Тревопасниот диносаурус, наречен Урагасаурус каласиненсис (Uragasaurus kalasinensis), се претпоставува дека живеел пред околу 150 милиони години. Ова животно имало специфично долг врат и достигнувал должина до 20 метри.

    Доктор Апирут Нилпанапан од тајландскиот Универзитет Махасаракам, кој е главен автор на студијата, изјави за „Би-Би-Си Таи“ дека примерокот е дел од голема збирка фосили од локалитетот Фу Нои. Ова место за првпат било идентификувано во 2008 година, кога локален жител пронашол остатоци што наликувале на лушпи од змија. Локалитетот содржи разновидни фосили од периодот на доцната Јура, а повеќе од 90 отсто од ископаните остатоци им припаѓаат на диносауруси.

    Истражувачкиот тим на местото пронашол и други остатоци, како заби и коски, но клучниот пронајдок што довел до дефинирање на новиот вид е заден пршлен од горниот дел на грбот со специфични карактеристики. КТ-скенирањето покажало дека диносаурусот припаѓа на фамилијата Маменчисауридае (Mamenchisauridae), група сауроподни диносауруси со исклучително долги вратови, кои им помагале да стигнат до вегетација на различни висини. Додека најголемиот дел од фосилите од оваа фамилија се пронајдени во Кина, ова е прво вакво откритие во Тајланд.

    Снимките откриле и уникатна структура на воздушните комори во коските во форма на буквата Игрек (Y), што го издвојува овој диносаурус од сите други во светот. Студијата беше објавена во научното списание Нејчер (Nature).

    Претходно, во мај годинава, научниците во Тајланд идентификуваа уште еден вид долговратен тревопасен диносаурус – нагатитан. Тој е најголемиот пронајден диносаурус во Југоисточна Азија, со тежина од 27 тони и должина од 27 метри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира