НОВИ ДОКАЗИ ДЕКА НА МОМЧИЊАТА ИМ РАСТАТ ЦИЦКИ ОД ЕСЕНЦИЈАЛНИ МАСЛА

    НОВИ ДОКАЗИ ДЕКА НА МОМЧИЊАТА ИМ РАСТАТ ЦИЦКИ ОД ЕСЕНЦИЈАЛНИ МАСЛА„Во моментов доказите се недоволни за да го поддржат концептот дека лавандата и чајното дрво содржат продукти кои предизвикуваат гинекомастија кај децата. Потребни се понатамошни епидемиолошки и експериментални студии“, вели д-р Род Мичел, педијатриски ендокринолог од Кралскиот институт за медицински истражувања во Единбург (Фото: Гети)

    На претпоставената врска меѓу абнормалното растење на гради кај млади момчиња (гинекомастија) и употребата на масло од лаванда и масло од чајно дрво, ѝ се дава нова тежина по студијата која најде осум хемикалии кои ги содржат маслата, а кои влијаат на хормоните. Гинекомастијата е ретка и често нема очигледна причина за нејзина појава.

    Но, има случаи кои се поврзуваат со употреба на есенцијални масла. Американската студија најде дека главните хемиски состојки во маслата го зголемуваат лачењето на естрогенот, а го намалуваат лачењето на тестостеронот. Не секој ќе ја има истата реакција на есенцијалните масла.

    Маслата од растенија ги има во многу продукти, како што се сапуни, лосиони, шампони и продукти за правење фризури. Тие исто така се популарни како алтернативни продукти за чистење и се користат во медицински третмани.

    Главниот истражувач Џ. Тајлер Ремзи од Националниот институт за здравствена наука во Северна Каролина, препорачува внимателно да се користат маслата.

    „Нашето општество смета дека есенцијалните масла се безбедни. Сепак, тие содржат различна количина хемикалии и треба да се користат внимателно, бидејќи некои хемикалии се потенцијални нарушувачи на ендокриниот систем“, вели Ремзи.

    Зголемениот број пријавени случаи на машка гинекомастија се поврзува со изложеност на маслата. Откако престанале да ги користат производите, симптомите се повлекле.

    Претходната студија на д-р Кенет Корач, кој беше коистражувач и во оваа студија, најде дека лавандата и маслото од чајно дрво имаат својства кои ги попречуваат хормоните кои се одговорни за машките карактеристики, и дека може да влијаат на пубертетот и растот.

    Новата студија најде осум главни хемикалии од стотина кои се составен дел од овие масла. Четири од тестираните хемикалии ги содржат и двете масла. Истражувачите најдоа дека сите осум хемикалии различно влијаат на зголемување на излачување на естрогенот или сузбивање на тестостеронот.

    „Потенцијална загриженост за влијанието на маслото од лаванда и чајно дрво постои и тие треба подетално да се испитаат“, вели Ремзи.

    Многу од испитаните хемикалии се јавуваат во најмалку 65 есенцијални масла.

    Д-р Род Мичел, педијатриски ендокринолог и почесен консултант на Кралскиот институт за медицински истражувања во Единбург, рече дека студијата е важна во одредување на можниот механизам за претспоставената врска меѓу гинекомастијата и изложеноста на масло од лаванда и чајно дрво.

    „Сепак, важни фактори мора да бидат земени предвид кога се интерпретираат овие резултати. Тестовите се направени на канцерогени клетки, што може не ја претставува состојбата кај нормалното ткиво на градите. Концентрацијата на која клетките биле изложени, можеби не е еквивалентна на изложеноста кај човекот. Комплексна е врската меѓу естрогенот, тестостеронот и другите хормони во телото, кои не можат да бидат реплицирани во овие експерименти. Во моментов, доказите се недоволни за да го поддржат концептот дека лавандата и чајното дрво содржат продукти кои предизвикуваат гинекомастија кај децата. Потребни се понатамошни епидемиолошки и експериментални студии“, вели д-р Мичел.

    Резултатите од студијата беа презентирани на годишната средба на Ендокринолошката асоцијација во Чикаго.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира