Статуата на слободата, која беше привремено затворена по затворањето на Владата на САД, од денес повторно работи, со цел да ги привлече богатите туристи да трошат долари, изјави гувернерот на Њујорк Ендру Куомо, додавајќи оти државата најде средства за да го одржува споменикот. Затворањето на околниот парк „го загрозува економскиот двигател за државата Њујорк”, рече демократот Куомо.
„Овој парк е симбол на Њујорк и нашите вредности. Пораката која ја носи никогаш не била толку важна како што е денес”, рече тој, алудирајќи на буџетската битка во Вашингтон, каде што демократите бараат заштита за стотици илјади имигранти без документи.
Како резултат на буџетскиот ќорсокак, многу владини служби и знаменитости, меѓу кои и Статуата на слободата, беа затворени во саботата. Во изјавата за новинарите од јужниот дел на островот Менхетн со Статуата на слободата во позадина, Куомо објасни дека државата ќе обезбеди 65.000 долари со кои треба да се платат работниците кои го одржуваат паркот.
Статуата како и поврзаниот музеј на блискиот остров Елис годишно ги посетуваат околу 4,5 милиони туристи. Повеќето доаѓаат со брод од Менхетн.
Статуата на слободата е подарок од Франција во 1886 година, во чест на стогодишнината од американската независност, прославена 10 години претходно. Некои од најпознатите локалитети се отворени, меѓу нив и Гранд Кањонво Аризона и Националниот парк Јелоустоун. Но, повеќето работат со намален персонал што значи дека многу продавници, ресторани, па дури и тоалети се затворени.