Научен труд од 79 страници од професорот по археологија Никос Чаусидис и Игор Ефтимовски, негов докторанд на Филозофскиот факултет во Скопје, е објавен во новиот број од меѓународното научно списание Studia Mythologica Slavica, во издание на Научно-истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите. На насловната страница е објавен и каменен споменик од манастирот „Свети Наум“ во Охрид, на кој е посветен и научниот труд.
Професорот Чаусидис ни рече дека станува збор за научно списание посветено на митологии на Словените, кое излегува од 1998 и на него работат научници, археолози.
„Списанието е посветено на древни религии, а тоа е многу интересна тема за која се интересираат и луѓе кои не се од научната фела и која доста се чита. Во списанието немаат пракса да објавуваат толкави трудови, но ние инсистиравме дека ќе оди или целиот материјал или ништо, и тие тоа го прифатија“, ни изјави Чаусидис.
Според Ефтимовски, необичниот каменен споменик изгледа многу рустично, но и привлечно во околниот манастирски амбиент.
Според содржината на објавениот труд, споменикот бил откриен случајно при реконструктивни градежни зафати на манастирските конаци, секундардно вграден во некој од нив. Оттогаш, тој се наоѓа во дворот на манастирот.
Научниот труд го претставува и анализира овој споменик од различни перспективи, вклучувајќи ја неговата иконографија, функција и значење. Според неговите стилски особености, разгледани се повеќе можности за негова датација од предисторискиот, античкиот, раносредновековниот или нововековниот период – дилема што го наметнува неговото вонконтекстуално откритие.
„Меѓутоа, се чини дека неговата оригинална функција била поизвесна: како религиски идол посветен на некое паганско божество, но евентуално инкорпориран и реинтерпретиран во христијанскиот контекст на манастирот“, велат авторите.
Целосниот труд за споменикот е достапен за бесплатно читање и симнување од официјалниот веб-сајт на списанието.
Б. НЕСТОРОСКА