„Обликот на водата“, фантастичната драма на Гилјермо дел Торо, собра најмногу, седум номинации за наградата Златен глобус, додека во конкуренција на ТВ-серии води „Големи мали лаги“ со шест.
Во сезоната во којашто сѐ уште не се издвојува еден голем фаворит за оскарите, „Обликот на водата“ освои номинации во речиси сите големи категории: најдобар филм-драма, режија, сценарио (двете за Дел Торо), главна женска улога (Сели Хокинс), како и споредна улога (Ричард Џенкинс и Октавија Спенсер).
Освен „Обликот на водата“, за најдобра драма конкурираат и „Викај ме по твоето име“, „Данкирк“, „Пост“ и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, додека за најдобра комедија/мјузикл се „Катастрофалниот уметник“, „Бегај“, „Леди Бирд“, „Најголемиот шоумен“ и „Јас, Тонја“.
По шест номинации добија „Пост“ на Стивен Спилберг и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.
Мерил Стрип ја доби 31. номинација за улогата во „Пост“, а за деветтата статуетка ќе се бори со Френсис Мекдорманд („Три билборди пред Ебинг, Мисури“), Џесика Честејн („Играта на Моли“), Мишел Вилијамс („Сите пари на светот“) и со Сели Хокинс („Обликот на водата“).
Номинираните за најдобар актер се Даниел Деј-Луис („Фантомска нишка“), Дензел Вошингтон („Роман Џеј Израел“), Гери Олдмен („Најмрачниот час“), Тимоте Шаламе („Викај ме по твоето име“) и Том Хенкс („Пост“).
Кристофер Нолан („Данкирк“), Стивен Спилберг („Пост“), Гилјермо дел Торо („Обликот на водата“), Ридли Скот („Сите пари на светот“) и Мартин Мекдона („Три билборди пред Ебинг, Мисури“) влегоа во најтесниот избор за најдобар режисер.
Во категоријата најдобар странски филм конкурираат „Фантастична жена“ (Чиле), „Од никаде“ (Германија), „Квадратот“ (Шведска), „Без љубов“ (Русија) и „Прво дојдоа по татко ми“ (Камбоџа) во режија на Анџелина Џоли.
Златните глобуси ќе бидат доделени на 7 јануари.