Среќна сум што сите бевме обединети изминативе денови и што ве направив горди, кажа Тамара Тодевска вечерва по пристигнувањето на Меѓународниот аеродром Скопје.
Тамара и нејзиниот евровизиски тим на аеродромот ја пречекаа стотина граѓани, семејството и владина делегација во која беа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.
„Ви благодарам. Тоа што го видовте на евровисискиот настап е резултат на тимска работа, посветеност и љубов. Во финалето ни стана јасно дека сѐ вредеше. Многу сум среќна што направивме добар резултат иако искрено очекувавме повеќе“, рече Тамара по пристигнувањето на Скопскиот аеродром и ја запеја евровизиската песна.
Авионот со кој Тамара и нејзниот тим слета во Скопје од Тел Авив доцнеше неколку часа, поради силниот јужен ветер. Тамара им се извини на присутните за доцнењето и им рече „не беше наша вина што доцневме“.
На евровизиското финале Македонија се пласираше на осмото место, што е најголем успех досега. По гласањето на жирото Тамара беше на второ место со само 2 поена зад Шведска, а речиси до самиот крај беше на врвот на табелта. На крајот, по гласовите на публиката со скромни 53 бода, заврши на осмото место.
Придружни вокали на Тамара беа Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев. „Горда“ е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, автори на музиката и аранжманот , а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Спотот го режираше Чедо Поповски.
А. АНТЕВСКА