ОД 138 КАЗАНИЦИ ЗА ПЕЧЕЊЕ РАКИЈА, ВО ШТИП ДЕНЕС ПОСТОИ САМО ПИПЕРЕВСКАТА, СТАРА 180 ГОДИНИ

    ОД 138 КАЗАНИЦИ ЗА ПЕЧЕЊЕ РАКИЈА, ВО ШТИП ДЕНЕС ПОСТОИ САМО ПИПЕРЕВСКАТА, СТАРА 180 ГОДИНИКазаницата се состои од клесан камен, потоа со бакарен казан со капак направен речиси пред два века во Злетово. - Сопственикот Владо Пиперевски во казаницата стара 180 години. (Фото: СДК.МК)

    Пиперевската статична казаница остана единствената за печење ракија во Штип. Од 138 казаници во Штип од кои 18 биле во штипско Ново Село, денес во функција е само Пиперевската казаница која се наоѓа во таканареченото Ридарско Маало во оваа стара штипска населба. Казаницата е на три метри до природната чешма меѓу народот позната како Ридарска или Пиперевска чешма која досега и во најсушните времиња не секнала и од оваа чешма се црпи вода за разладување на казаницата.

    „Казаницата е стара 180 години. Ја изградил мојот прадедо Петре, традицијата ја продолжил дедо ми Ладе, па татко ми Лазо, па еве сега и јас. Уште кога имав десет години им помагав на дедо ми и татко ми. Цела зима, па и во другите годишни времиња се печеше ракија, денес многу помалку, но сепак има над педесетина мои роднини и пријатели кои сакаат, не да варат како што е тоа случај со новите подвижни казани, туку да печат ракија на старински начин во една ваква стара статична казаница“, вели сопственикот Владо Пиперевски.

    Како што објаснува 72-годишниот штипјанец, казаницата се состои од клесан камен, потоа со бакарен казан со капак направен речиси пред два века во Злетово, а е обложен со шамотни цигли и располага со два чепура низ кои тече завршниот производ – ракијата, што е различно од денешните подвижни казани кои имаат еден чепур.

    „Казанот е со капацитет од 120 литри и да се испече еден казан потребни се 6-8 часа, што значи за да се добие квалитетна ракија треба да се има трпение. Ако грозјето е квалитетно и ако мајсторот знае да располага со казанот во просек се добиваат над 25 литри ракија од еден казан, ако од комињето се вадело вино тогаш се добива помалку литри“,  вели Пиперевски.

    Пред Пиперевската казаница е Ридарската чешма од која казаницата се снабдува со вода за ладење на печената ракија. ( Фото: СДК.МК )

    Напоменува дека уште пред два века се водело сметка за екологијата при варењето, па на казаницата уште во тоа време бил изграден посебен отвор со специјален камен низ кој природно тече врелото испечено комиње за отпад директно во посебен сад во буре за да не се загадува околината.

    Владо Пиперевски, кој 40 години работел во Општина Штип, најпрвин како возач речиси 30 години и 10 години во општинската служба за обезбедување, вели дека и тој во својата казаница си пече ракија за свои потреби. Повеќе од три децении воопшто не пие алкохол, но во казаницата го пече грозјето од лозниците во дворот од куќата, па тие дваесетина литри ги чува за своите гости, роднини и пријатели.

    Штипскиот наставник Душко Стојанов во 2006, неколку години пред да почине, ја објави книгата „Белег на едно време“ во која темелно го проучува штипското лозарство и казаниците во овој град. Стојанов во книгата ги разработува казаниците по систем од левата и од десната страна на реката Отиња каде казаниците никнувале како печурки по дожд, па во 19. и 20. век биле подигнати над 130 казаници. Со нив се печело ракија и по шест месеци, од почетокот на есента до крајот на зимата.

    Во штипско Ново Село покрај Пиперевската постоеле уште 17 други казаници, Во оваа населба биле казаниците на Караѓозови, Станчеви, Муцкови, Бутнејски, казаницата на Митко Гогов, Икономови, па на Ѓоре Колев – берберинот, на Мијалче Малинов , Балталија и неколку други.

    Од левата страна на реката Отиња тој се задржува и на казаниците на Јанкови, на Љуботенски, Судиклиски, на Стојан Митрев- врапчарот. казаницата на Крупишатенец на Коле Шуманчето во маалото Свети Илија. Од десна страна на Отиња биле казаниците во Исар Маалото под истоимената тврдина во Штип, на Ристо Бојаџијата која се наоѓала во близина на сегашната црква „Св. Никола“, потоа на Шумански, Козарови, на Фурката и Зрнцевата казаница.

    Пиперевската казаница е единствената која денес функционира во Штип па педесетина штипски лозари исклучиво печат ракија во ваква стара казаница. (Фото: СДК.МК)

    Во Кафтан Маалото во центарот на Штип, каде денеска е улицата Ванчо Прќе, постоеле казаницата на Трајчо Здравев  кондураџијата, потоа на Пенушлиски, Хаџи-Николов пајтонџијата, Киро Савев саатчијата, па на Славе Кикиритков. Од истата страна биле казаниците во таканареченото Горно Маало каде се наоѓале, а денес веќе не постојат казаниците на Мане анаријата, Ѓорги Москов, потоа на Трајчо масата, на Булигазови, на Пикови, Дукови, Зејтеникови, на Тодор Чепреганов  Џидрови.

    Сите сопственици на казаници во Штип имале свои лозови и овошни насади претежно во околината на градот. Казаниците обично биле со капацитет од 120 литри или тогашни оки. Давале и до 30 литри ракија во зависност од грозјето и сортата, но времето за разлика од денешните подвижни казани изнесувало и до 8 часа. Казаниците служеле за свои потреби, а некогаш биле изнајмувани и на други за уем или надомест од еден литар ракија од еден казан или во пари колку што чини ракијата на пазар.

    Кога разговаравме со повозрасни жители од Горно Маало сите рекоа дека се сеќаваат на дел од овие казаници иако тогаш биле деца.

    „Со денови се вареше ракија во маалските казаници. Во нашето маало имаше три. Внатре беа мажите, едни носеа дрва, другите ја собираа топлата вода па ја ставаа да се излади и пак да се врати назад за ладење на казаницата, а на крајот надвор жените ја пречекуваа топлата вода што ја испуштаа казаниците и ги переа чергите, јамболиите, кебињата“, велат жителите од штипското маало Тузлија, Коле Стојмиров, Ѓорги Зафиров и Киро Вереса.

    Сите тројца и многумина други со кои разговаравме рекоа дека од толку многу казаници знаат дека денес функционора само Пиперевската казаница во Ново Село. Старите казаници згаснаа, но мислат дека во Штип сега има над 100 подвижни казани, кои во последниот половина век ги заменија казаниците. Тие сметаат дека поголем дел се за сопствени потреби, а само 20-30 се изнајмуваат за надомест како во старо време од 1 литар ракија или во пари колку што денес чини еден литар. Едногласни се во оценката дека  новите казани се побрзи, но казаниците кои печат ракија за подолго време даваат многу поквалитетна ракија без разлика дали е гроздова или се пече со комиње од сливи, јаболки, круши, дуњи или некое друго овошје.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира