ОД ЛЕРИН ДО БИТОЛА ЖИТЕЛИТЕ НОСЕЛЕ ИСТА НОСИЈА ДО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, РЕЧЕ ГРЧКИОТ ЕТНОЛОГ КОНСТАНТИНУ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

    ОД ЛЕРИН ДО БИТОЛА ЖИТЕЛИТЕ НОСЕЛЕ ИСТА НОСИЈА ДО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, РЕЧЕ ГРЧКИОТ ЕТНОЛОГ КОНСТАНТИНУ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“Константину зборуваше за традиционалните ора, носија и музика во неговото родно село Арменско или Алона според сегашната грчка топонимија. (Фото: СДК.МК)

    „Меѓу двeте светски војни, грчката влада ги прекри со национални костими старите области од југ до север. Порано костимите беа како во горните битолски села. Од Арменско (Леринско) на север кон Буково, Битолско, имаа иста носија. Ние во Грција не ги нарекувавме горни битолски села, туку планински села зашто се на Пелистер“, рече Јанис Константину, едукатор, учител и истражител на традиционални танци од Грција, на предавањето на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. Тој имаше половина час изглагање за народните ора, носија и музика во неговото родно село Арменско или Алона според сегашната грчка топонимија .

    „По Илинденското востание, Турците запалија многу села околу Пелистер и Вичо Планина. Едно од нив беше и моето село Арменско. Тоа е старото име, а од 1928 година кога грчката влада ги смени сите тополними на селата и градовите, тоа стана Алона“, рече Константину.

    Тој, во рамки на Семинарот за традиционална музика и игра на „Илинденски денови“, истака дека идентитетот на неговото село беше сочуван во костимите, игрите и музиката. Презентираше фотографии на кои можеа да се видат како народните собири се правеле со традиционалните македонски музички интструменти кавал и гајда, за кои и предавачот рече дека биле многу чести. Посочи дека по Првата светска војна почнаа да се менуваат музичките инструменти, како и облеката и играта.

    Константину презентираше фотографии на кои можеа да се видат како народните собири се правеле со традиционалните македонски музички интструменти кавал и гајда, за кои и предавачот рече дека биле многу чести. (Фото: СДК.МК)

    „Арменско е значајно поради традицијата на семејните ора. Имаше семејства кои користеа свои чекори, не се позајмуваа од друго село. Тоа ја направи Алона важна во стариот регион бидејќи имаа семејни ора, тој феномен го немаше во другите села“, рече Константину.

    Но, и покрај сите промени, врската останала.

    „Во 1968 година орото го викавме ‘Старско опуштено’, познато е многу добро во овие планински места на Пелистер, Вичо и Преспа, но во Алона имаме специјален начин на игра за него, истиот ритам тука се нарекува Беранче, но има поинакви чекори“, рече предавачот.

    Таткото на Константину бил партизан, учесник во Граѓанската војна во Грција, кој потоа преминал во Југославија, работел во Скопје и играл во Ансамблот за народни песни и ора „Танец“. Во 1950-те години било тешко да се вратиш од Југославија во Грција, но тој успеал со народната игра. Прво учествувал во танчерски игри и театри во Атина, а потоа се вратил во Арменско каде организирал играорна група со членови од Арменско и Буф. Настапувале пред државници и така Алона станало познато во Грција.

    За жал, рече Константину, на Арменско најголемиот зијан му се случил за време на Граѓанската војна. Пред неа селото имало над 900 жители можеби и илјада, а по 1945 година 400, по седумдесетите година 300, а денес 120. Во Мелбурн, Австралија има 2.000 жители до потекло од таму, а во Торонто, Канада 1.000.

    „Сите тие луѓе го напуштија селото за време на Втората светска војна, Граѓанската војна и потоа меѓу 1950-те и 1960-те години и таму создадоа семејства“, рече Константину.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира