ОД ВОЈНИЧКИ ТРУБАЧ И ПРОФЕСОР, ЧИЧО СИМО СТАНА ГЛАВЕН ШТИПСКИ ХРОНИЧАР

    ОД ВОЈНИЧКИ ТРУБАЧ И ПРОФЕСОР, ЧИЧО СИМО СТАНА ГЛАВЕН ШТИПСКИ ХРОНИЧАРОд дома не излегува без фотоапарат; - Симеон Кожухаров на последното одбележување на Илинден во Спомен паркот на хероите во Штип (Фото: СДК.МК)

    Симеон Кожухаров во последните две децении штипјани го знаат како Чичо Симо преку неговите настапи на локалните радија и телевизии. Една деценија, Чичо Симо ја преокупираше штипската јавност со неговите поучни и мошне досетливи емисии, кои изобилуваа со чист штипски говор, разни афоризми од овој крај и со легенди за градот под исарот.

    Но, малку штипјани знаат дека Кожухаров својата работна кариера ја започнал како професор по социологија и политичка економија во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, а пред тоа, кога служел армија, бил првиот војнички трубач, затоа што бил единствениот војник со завршено музичко школо. Бил во класата на диригентот Сергеј Михајлов и на првиот професор по дувачки инструменти Методи Докузов.

    Кожухаров инспирација црпи од културно-историските споменици и од обележјата на градот, како што е тврдината Исар, која се издигнува над црквата „Св. Никола“ (Фото: СДК.МК)

    „Во гимназијата предавав и други предмети, како филозофија и историја на уметност. Мојата професорска кариера траеше од 1966 до 1972 година. Потоа станав директор на градинка, а по пет години преминав во тогашниот СИЗ за образование, од каде во 2000 година отидов во пензија. Задоволен сум што социолошката смисла на животот ја пренесов на повеќе генерации ученици“, вели Кожухаров.

    Тој е познат по неговите директни и контактни емисии на радио и на телевизија, а пишуваше и за весници. По таа негова медиумска прошетка, Кожухаров решил да биде хроничар на градот. Со својот фотоапарат веќе една деценија ги овековечува сите позначајни настани во Штип. И денес, ниту едно одбележување во градот на може да се случи без Чичо Симо. Присутен е на разни матурски седенки, а во последните години како пензионер не ги заборава ниту збиднувањата за и околу највозрасните жители на градот.

    „Фотографирањето и воопшто занаетчиството ми се во генот, од татко ми, кој беше занаетчија. Но, тој сакаше сите четири деца да бидат корисни на државата како интелектуалци, па ние браќата завршивме факултети. Најстариот брат Димитар беше еден од првите и најпознати гинеколози и акушери во Македонија. Тодор дипломираше економија и стана првиот факултетски образован директор на ‘Стопанска банка’ во Штип, а потоа беше финансиски директор на Електростопанство на Македонија. Две години постариот брат Петар заврши факултет за физичка култура и беше меѓу најдобрите гимнастичари во Штип. Ги протежираше вежбите на справи и го воведе вежбањето на коњ и на карики“, вели најмладиот од Кожухарови, Симеон, кој исто така бил спортист и е еден од првите ракометни судии во Штип.

    Кожухаров секојдневно е во штипската чаршија и во разговор со некого (Фото: СДК.МК)

    Витален и секогаш расположен за разговор, 78-годишниот штипски хроничар секојдневно ќе го видите во чаршијата. Штипјани го знаат како човек со ведар и оптимистичен дух, секогаш спремен за шегување и да развесели. Неговиот последен медиумски проект носеше наслов „Штипска чишит чаршија“, радиоемисија која беше многу слушана и поучна. Чичо Симо не излегува од дома без својот фотоапарат.

    „Не се каам што станав професор, но сакав да бидам и професионален фоторепортер. Мој учител беше еден од доајените на штипската фотографија, Љупчо Сеизов. Сум учел и од Трајче Симонов и од други познати фотографи од тоа време. Досега сум направил над 30.000 фотографии, со неколку илјади галерии. Посебно ми се бендисува што моите фотографии се овековечени со ден, месец и година на нивно настанување. Така се комплетирани архивата и хронологијата на настаните во Штип и за штипјани. Имам голема поддршка од сопругата Зорица, која, како поранешен банкар, ја прави економската набавка на моите фотоапарати. Фотографирањето и постојаното дружење со штипјани ме одржуваат во живот“, вели Симеон , кој сака своите љубови и афинитети да ги пренесе на своите внуци Дамјан, Симеон и Зорица.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира