ОХРИДСКИТЕ РИБАРИ ЖАЛАТ ШТО ГОДИНАВА НЕ СЕ ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА РИБАРИТЕ, РАСКАЖУВААТ ЗА ВРЕМЕТО КОГА УЛОВИЛЕ ПАСТРМКА ОД 22 КИЛОГРАМИ

    ОХРИДСКИТЕ РИБАРИ ЖАЛАТ ШТО ГОДИНАВА НЕ СЕ ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА РИБАРИТЕ, РАСКАЖУВААТ ЗА ВРЕМЕТО КОГА УЛОВИЛЕ ПАСТРМКА ОД 22 КИЛОГРАМИЧаулев се присеќава на времето кога од водите на Охридското Езеро ја уловил досега најголемата пастрмка која тежела 22 килограми, долга 91 сантиметар, а широка 60 см. (Фото: СДК.МК)

    За првпат во Охрид изостана традиционалното славење на Денот на рибарите за празникот Собор на Свети Јован Крстител, поради пандемијата од ковид-19. Строгите протоколи кои предвидуваат да не се организираат масовни собири го остави просторот кај месноста Сараиште празен без капачи, музика, топла ракија и рибна чорба. Старите охридски рибари жалат што се прекина традицијата за прославување на Богојавленските празници која ја паметат со децении.

    „На мои 77 години за прв пат ми се случува да нема една ваква манифестација. Сведоци сме дека многу децении се случуваше денот на пуштањето на риболовот после забраната која секогаш траела од 25 декември до 20 јануари кога рибарите влегувале во вода а од уловените риби се правеше рибна чорба со што се славеше Денот на рибарите, вели Љупчо Чаулев, повозрасен рибар од Охрид.

    Славењето на празникот посветен на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите е традиција на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов.

    Чаулев се присеќава на времето кога од водите на Охридското Езеро ја уловил досега најголемата пастрмка која тежела 22 килограми, долга 91 сантиметар, а широка 60 см. Во далечната 1975 заедно со рибарот Кире Мандуљ ја уловиле џиновската пастрмка во време на татиљот кога е и најстрогата забрана за риболов.

    „Случајно ја уловивме. Прво мислевме дека е некој голем крап, но кога ја видовме бевме навистина изненадени. Тоа беше капиталец, каков претходно никој не уловил ниту видел во Охридското езеро. Не можевме да ја мериме со обична вага и побаравме еден кантар од пазарџиите кој беше гравиран на оки. Рибата беше 16 оки некаде околу 22 килограми. Мојот татко кој работеше во Хидробиолошкиот завод рече дека не видел таква големина на риба“, раскажува Чаулев.

    Инаку Денот на рибарите во Охрид е една од најуникатните манифестации за Богојавленските празници која со години привлекуваше поголем број гости како од државава така и од надвор.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира