ОХРИЃАНЕЦ ПРЕТСТАВИ ВИЗИЈА ЗА АКВАРИУМ ВО СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ПРЕКУ СЛИКИ ВО ПАСТЕЛ

    ОХРИЃАНЕЦ ПРЕТСТАВИ ВИЗИЈА ЗА АКВАРИУМ ВО СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ПРЕКУ СЛИКИ ВО ПАСТЕЛБоривоја Петрески го замислува комплексот како мало светско чудо. (Фото: СДК.МК)

    Пензионираниот правник и активен сликар Боривоја Петрески идејата за изградба на аквариум кај Студенчишко Блато во Охрид ја носи во себе со децении. Пред извесно време тој ја претстави неговата визија за еден ваков храм на природата преку слики во пастел.

    „Мојата визија за аквариумот претендира тој да биде посебно, неповторливо и исклучително архитектонско-урбанистичко и градежно остварување. Многу вредно, а со тоа и многу скапо. Тоа може да се реализира со најширока општествено-политичка поддршка, но и со учествo на врвни светски стручњаци од разни области. Мојата визија би била само почетен чекор”, вели Боривоја Петрески.

    Петрески вели дека овој храм на природата би бил значаен не само за Охрид, туку и пошироко.

    „Аквариумот Охрид би се градел со голема помош на меѓународната заедница. Јас инсистирам само на надворешниот изглед на аквариумот. Останатото ќе се проектира и изведува по највисоки архитектонски стандарди и со учество на јавноста. Комплексот е наменет за образование, наука, екологија, туризам, култура, забава, за граѓаните на Охрид, Македонија и на цел свет”, кажува Петрески.

    Тој има своја визија како би изгледал аквариумот.

    „Комплексот го замислувам како мало светско чудо, голем парк на природата, цивилизациско обележје на 21. век. Според моја замисла, тој би се состоел од два дела: парк со површина од околу 500.000 квадратни метри, со голем објект со челична конструкција и најквалитетно стакло, а долниот дел би имал должина од 60 метри, широчина од 60 метри и височина од 15 метри“, вели Петрески.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира