ОХРИЃАНИ УЧЕЛЕ ВАТЕРПОЛО ОД ДУБРОВЧАНЕЦ, А ПРВИТЕ ТОПКИ ГИ МАЧКАЛЕ СО МАСТ ЗА ПАРКЕТ ЗА ДА НЕ ПОТОНАТ

    ОХРИЃАНИ УЧЕЛЕ ВАТЕРПОЛО ОД ДУБРОВЧАНЕЦ, А ПРВИТЕ ТОПКИ ГИ МАЧКАЛЕ СО МАСТ ЗА ПАРКЕТ ЗА ДА НЕ ПОТОНАТМинатиот викенд во Охрид се оддржа ревијален ватерполо натпревар, во кој учествуваа некогашните ватерполисти од Охрид, Струга, Штип и Скопје (Фото: СДК.МК)

    Ватерполото во Охрид се игра од 1947 година, а тајните на овој спорт ги научиле од еден дубровчанец. За охридските ватерполисти најтешко било да обезбедат соодветни топки. Ги набавувале од Италија, од Белград, а за да им траат подолго ги мачкале на шевовите со паркет за маст. Натпреварите се одржувале на тогашното пливалиште во внатрешниот дел на Градското пристаниште.

    Кочо Паскали, претседател на пливачко-ватерполо клубот „Охридски бранови 2008”, со ватерполо почнал да се занимава од својата 11 година, во 1970.

    Првите ватерполисти во Охрид биле членови на клубот „Охридски бранови“, а спортот го учеле од Винко Цветковиќ од Дубровник, кој тогаш бил член на клубот „Југ“ (фото: архивска фотографија)

    „Први ватерполисти во ‘Охридски бранови’, која е формирана во 1947 година, беа Никола Куноски, Перо Николоски, Томе Чакуле, Владо Шелев, Климент Заров, Нико Нестор, Александар Радич, Ванчо Најденов, Неџат Хусеин, Илче Милев, Никола Чипан, Павел Групчев, Петар Василески, Владимир Точко. Гого Поп Стефанија, Благо Битрак и уште неколкумина охриѓани чии имиња не се регистрирани во историјата на клубот. За формирањето на клубот во 1947 година пишувал и тогашниот дневен весник ‘Нова Македонија’. Текстот излегол под наслов: ‘Најдобрата екипа по ватерполо во нашата република – Охридски бранови’. Од достапните податоци оваа екипа одиграла бројни натпревари во тогашната федерација, вклучувајќи натпревари со тогаш најпознатите ватерполо клубови од јадранските приморски градови”, раскажува Паскали.

    Според податоците што ги има Паскали ватерполото во Охрид е тесно поврзано со тогашниот репрезентативец од Дубровник Винко Цветковиќ, од ватерполо клубот “Југ”. По барање на Фискултурниот сојуз на Македонија, Цветковиќ дошол во Охрид за да ги пренесе своите искуства и да формира охридски ватерполо клуб.

    „Тој во Охрид одржал дваесетдневен курс за пливачки и ватерполо инструктори,а воедно ги тренирал и охридските ватерполисти. Дубровчанецот со тренерско звање се стекнал уште пред Втората светска војна, а својата тренерска кариера ја започнал токму во Охрид. Сега знаеме дека овој стручњак формирал одличен ватерполо клуб, кој беше најдобар во Македонија. Рака на срце, тогаш во Македонија немаше поволни услови за постоење на повеќе ватерполо клубови”, кажува Паскали.

    Низ Охрискиот ватерполо клуб поминале бројни ватерполисти, така и Кочо Паскали како младо момче почнал да тренира ватерполо.

    Кочо Паскали, пливач и ватерполист, сега го води ватерполо клубот „Охридски бранови 2008“, вели дека сега во Охрид нема услови за тренинзи, бидејќи нема затворен базен (Фото: СДК.МК)

    „Својот зенит ватерполото во Охрид го имаше во 1970 година. Од тоа време познати ватерполисти се Климчо Малезан. Тома Пирузев, Јонче Маленко, Ѓоко Чудо, Томе Буц, Илија Бутлев, Михаило Битрак кој беше и наш тренер и многу други охриѓани. Трениравме и игравме ватерполо на пливалиштето кај сегашното Градско пристаниште. Тука имаше дрвена платформа и соблекувална за пливачите и ватерполистите. На ватерполо натпреварите што се играа во Охрид ми се чинеше како да доаѓаше цел Охрид. Тоа беше вистински празник и за нас и за охриѓани. Бевме навистина добра екипа. Настапувавме во многу градови низ тогашната држава. Во тоа време имавме и голем проблем. Топки набавуваме од Италија, од Белград. Некој се сети дека треба шевовите на топките да ги мачкаме со паркет за маст за да траат подолго и да не пропаднат. И навистина топките нѝ траеја долго и не моравме често да ги купуваме од странство. Тие беа составени од повеќе парчиња, а најчувствителни беа токму на местата каде што беа составувани со шевови. Знам дека тогашните топки впиваа многу вода и стануваа толку тешки што ако некој случајно те удреше во глава. Во шега велевме дека во таков случај ќе те најдеа на дното на пливалишето”, вели Паскали.

    Тој преку клубот „Охридски бранови 2008“ создава нови пливачки надежи, но вели дека услови за ватерполо нема. Затворениот пливачки базен кој се гради може да биде нова шанса за развој на ватерполот во градот, бидејќи овој спорт бара постојан тренинг, преку цела година, а не само на лето кога тренинзите може да се изведуваат во Охридското Езеро.

    Ватерполото во Охрид згасна некаде во 1980-те. Приоритет добија некои други спортови. Пливалиштето кај Градското пристаниште беше демонтирано и тука повеќе немаше услови за играње ватерполо. На тоа место се вкотвија бродови на охридската бела флота. Од охридското ватерполо останаа само убави спомени.

    Минатата недела на градското пристаниште, по многу години, се одржа ревијален турнир во ватерполо на кој учествуваа некогашните ватерполисти од Охрид, Струга, Штип, Скопје. Тоа беше можност повторно да запливаат и да ги споделат спомените од едни убави времиња.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира