Остатоци од огромна ракета со помош на која Кина го лансираше првиот модул од својата вселенска станица ќе паднат на Земјата во наредните денови на сè уште непозната локација. Експертите предупредија дека постои можност од неконтролиран влез на 20-тонското јадро на ракетата „лонг марч 3Б“ во Земјината атмосфера, кое не може да се насочува и нема траекторија за да падне во море на претходно одредено место. Се стравува дека местото на падот би можело да биде и населено место.
„Потенцијално, не е добро. Не знаеме каде ќе се случи влез во атмосферата. Некои делови ќе го преживеат враќањето и во најлош случај, ќе биде како мала авионска несреќа, расфрлана на повеќе од 100 километри“, изјави американскиот астрофизичар Џонатан Мекдонел.
Јадрото денеска кружеше околу Земјата на секои 90 минути со брзина од 27.600 километри на час и американската војска му даде име „2021-035Б“. Од викендот, јадрото изгуби речиси 80 километри во висина и аматерски набљудувања покажуваат дека е вон контрола. Се проценува дека ќе се врати на Земјата на 10 мај, плус-минус два дена.
Парчиња од „лонг марч 5Б“ паднаа во Брегот на Слонова Коска шест дена по првиот лет во мај минатата година, при што биле оштетени неколку селски куќи.
„Ова е голема неодговорност на Кинезите. Работи поголеми од десет тони не се оставаат намерно и неконтролирано да паднат од небото“, вели Мекдонел.