Петнаесет овци симболично биле запишани во основно училиште во француските Алпи, откако родителите на децата кои учат таму изразиле страв дека некои класови ќе бидат затворени поради намален број ученици. Ова уследи откако училиштето во потпланинското село Крет де Беледон објави дека еден од неговите 11 класови ќе биде затворен поради намалувањето на бројот на ученици од 266 на 261.
Вчера наутро, локален овчар и неговото куче довеле 50 овци во училиштето, од кои 15 „официјално“ биле запишани со приложување на нивниот сертификат на раѓање. На комичната церемонија присуствувале голем број деца, родители и наставници.
„Еве, сега не мора да затвориме ниеден клас“, изјави Гаел Лавал, еден од родителите кои стојат зад оваа иницијатива.
Тој ги обвини државните власти дека повеќе се грижат за бројки, отколку за доброто на децата.