Нови еколошки, но целосно изложени писоари, распоредени на улиците низ Париз, предизвикуваат остри реакции кај локалното население.
Еден од светло- црвените писоари, поставен на островот Сен-Луј во близина на катедралата Нотрдам, со поглед кон туристичките чамци на Сена, предизвика голема вознемиреност и локалните жители побараа од Градското собрание да биде отстранет.
„Нема потреба да се стави нешто толку нескромно и грдо во такво историско место“, рече Паола Пелицари (68), сопственичка на уметничка продавница.
„Тоа е покрај најубавата градска куќа во овој дел , каде што живеел Бодлер”, рече таа.
Според неа, писоар поставен на околу 20 метри од основно училиште, „ќе предизвикува егзибиционизам“.
Дизајнерот на „Уриротоар“ – комбинација на француските зборови за писоар и тротоар – рече дека понудил „еко решение за јавно уринирање“.
Уредот е кутија со отвор на предната страна и цветен аранжман на врвот, и содржи слама која се претвора во смеса кој се користи во паркови и градини.
Меѓутоа, жители на Сен-Луј реагираат дека уредот, без ограда околу него, може да ја уништи нивната ултра-шик околина.
„Тоа е ужасно. Нам ни е кажано дека мора да го прифатиме ова, но тоа е апсолутно неприфатливо. Го уништува имиџот на островот“, вели 50-годишната сопственичка на блиската уметничка галерија,
Локалниот градоначалник Ариел Вејл инсистираше на тоа дека уредите се неопходни. Париските власти ги поставија четирите уреди на места каде што јавното уринирање претставува проблем, а планиран е и петти уред.
„Ако не направиме ништо, тогаш мажите едноставно ќе уринираат на улица“, рече тој. „Ако навистина им претставува проблем на жителите, ќе најдеме друга локација“, додаде тој.