Педесетина исклучително добро зачувани скелети од Викиншката ера се пронајдени во село во централна Данска.
„Ова е возбудливо откритие зашто скелетите се многу, многу, многу зачувани. Вообичаено знаеме да најдеме неколку заби во гробници, но ова се целосни скелети“, изјави археологот Михаел Боре Лунде, кој го водеше шестмесечното ископување.
Експерти од Музејот на Оденсе појаснија дека скелетите се добро зачувани благодарение на поволната хемија на почвата. Локалитетот бил откриен минатата година при рутинско истражување на областа пет километри североисточно од Оденсе, третиот по големина град во Данска.
„Ова отвора сосема нова кутија со алатки за научно откривање. Се надеваме дека можеме да направиме ДНК анализа на сите скелети и да видиме дали тие се поврзани еден со друг, па дури и од каде доаѓаат“, додаде Лунде.
Гробницата од 2.000 квадратни метри содржи скелети на мажи, жени и деца, а покрај нив има и кремирани тела. Археолозите ископале и накит и ножеви, а во еден од гробовите жена е погребана во нешто што наликува на ковчег, што, според Лунде, укажува на тоа дека припаѓала на повисока класа.
Многу од пронајдените артефакти немаат потекло од Данска, што укажува на развиената трговија кај викинзите во десеттиот век. Се смета дека Викиншката ера траела од 793 до 1066 година.