ПЕНТАГОН НЕ ПЛАНИРА ДА ГИ УРИВА ОСТАТОЦИТЕ ОД КИНЕСКАТА РАКЕТА ШТО ВИКЕНДОВ ЌЕ ПАДНАТ НА ЗЕМЈАТА

    ПЕНТАГОН НЕ ПЛАНИРА ДА ГИ УРИВА ОСТАТОЦИТЕ ОД КИНЕСКАТА РАКЕТА ШТО ВИКЕНДОВ ЌЕ ПАДНАТ НА ЗЕМЈАТАКина ја лансираше ракетата „лонг марч 5Б“ на 29 април (Фото: Гети)

    Американската војска објави дека не планира да ги урива остатоците од огромна кинеска ракета кои треба да паднат на Земјата овој викенд на сè уште непозната локација. Министерот за одбрана Лојд Остин изјави дека се надева оти ракетата ќе падне во океан и процени дека тоа ќе се случи во ноќта меѓу сабота и недела.

    „Имаме способност да направиме многу работи, но не планираме да ја гаѓаме ракетата. Се надеваме дека ќе падне на некое место каде што никого нема да повреди, во океан или така нешто“, изјави Остин.

    Кина ја лансираше ракетата „лонг марч 5Б“ на 29 април, носејќи го првиот модул од нејзината идна вселенска станица. Јадрото на ракетата моментално кружи околу Земјата и постепено губи висина, па наскоро треба да навлезе во ниската атмосфера. Се очекува остатоците во голем дел да изгорат во атмосферата, а оние што ќе поминат, неконтролирано ќе паднат на Земјата, при што не може точно да се предвиди каде.

    Во изминатите денови, кинеските медиуми ги отфрлаа стравувањата дека ракетата ќе падне на населено место, туку некаде во меѓународни води. Парчиња од „лонг марч 5Б“ паднаа во Брегот на Слонова Коска шест дена по првиот лет во мај минатата година, при што биле оштетени неколку селски куќи.

    Кина планира уште најмалку десет вакви лансирања пред да ја комплетира станицата во 2022 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира