ПЕШТЕРИТЕ ВО КОИ БЕА ЗАГЛАВЕНИ ТАЈЛАНДСКИТЕ ДЕЦА ЌЕ СТАНАТ МУЗЕЈ

    ПЕШТЕРИТЕ ВО КОИ БЕА ЗАГЛАВЕНИ ТАЈЛАНДСКИТЕ ДЕЦА ЌЕ СТАНАТ МУЗЕЈДецата и тренерот сега се во болница и треба да останат во карантин барем уште една недела (Фото: АФП)

    Пештерскиот комплекс во северен Тајланд, кадешто 12-мина млади фудбалери и нивниот тренер беа заглавени повеќе од две недели, ќе биде претворен во музеј.

    Властите кажаа дека музејот ќе прикажува како се одвивала спасувачката операција, предвидувајќи дека тој ќе стане голема атракција во Тајланд.

    Истовремено, најмалку две компании веќе покажаа интерес за снимање филм за „оваа неверојатна приказна“.

    Децата и тренерот беа спасени по тридневна сложена спасувачка операција и тие сега се во болница, кадешто добро закрепнуваат. Тие треба да останат во карантин барем уште една недела.

    Там Луанг е еден од најголемите пештерски системи во Тајланд и се наоѓа под планините околу гратчето Мае Син, во близина на границата со Мјанмар. Областа е главно неразвиена, со минимални туристички капацитети.

    „Областа ќе стане жив музеј, за да покажува како се одвивала операцијата. Ќе биде поставена и интерактивна база на податоци. Тоа ќе биде нова голема туристичка атракција во Тајланд“, кажа регионалниот гувернер Наронгсак Осотанакорн, кој раководеше со спасувачката операција.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари