ПИТИТЕ ПАСТРМАЈЛИИ ГОДИНАВА БЕЗ ПАСТРМА НА ВЕЛЕШКАТА ПИТИЈАДА

    ПИТИТЕ ПАСТРМАЈЛИИ ГОДИНАВА БЕЗ ПАСТРМА НА ВЕЛЕШКАТА ПИТИЈАДАМесарите објаснуваат дека годинава доцни подготовката на пастрмата оти есента била топла (Фото: СДК.МК)

    Годинашниот Фестивал на питата и виното, кој викендов се одржа во Велес, за поголем дел од гостите остана без традиционалниот вкус на пастрмата – сушено и посолено овчо месо. Реагираа посетителите, бараа, ама не најдоа чиста пастрмалија.

    „Дојдовме од Скопје да вкусиме велешка пастрмалија, но на ниту еден од штандовите ја немаше. Ни нудеа пита, ама таа е без пастрма, не е тоа. Требало угостителите да се организираат, да не се случи ваков сериозен пропуст“, кажа семејство од Скопје, кое саботата попладне беше во Велес.

    Сопствениците на рестораните вината ја префрлуваат на месарите.

    „Во неколку месарници побаравме, но немаше. Или тоа што го имале се продало или немаа уште подготвено. Не знам зошто така се случи, иако Питијадата годинава беше подоцна од минатите години“, вели еден угостител.

    Месарите појаснија зошто традиционалниот локален специјалитет пастрма ја немаа во понудата.

    „Годинава, поточно есента, беше многу топла. На месото што го обработивме му треба време да се исуши, а до петокот беше 23 степени. Ќе ја нема и во наредните две седмици. Некаде ја имаше малку и тоа бргу се продаде“, кажа познат велешки месар кој го подготвува овој специјалитет.

    Пастрмата, освен за питите, во Велес се користи и за подготовка на друг тестен специјалитет, ѓозлеме, како и во грав.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира