ПИВАРА СКОПЈЕ ГО ОПРЕМИ ОДДЕЛОТ ЗА ИНТЕНЗИВНА НЕГА НА ДРЖАВНАТА ГИНЕКОЛОШКА КЛИНИКА

    ПИВАРА СКОПЈЕ ГО ОПРЕМИ ОДДЕЛОТ ЗА ИНТЕНЗИВНА НЕГА НА ДРЖАВНАТА ГИНЕКОЛОШКА КЛИНИКАПремиерот Зоран Заев ја пофали Пивара Скопје како општестевено одговорна компанија затоа што донираше за државната гинеколошка клиника во Скопје - заедно со претставникот на компанијата Ламбро Патче

    Пивара Скопје целосно го опреми одделот за интензивна нега на Гинеколошката клиника во Скопје, објави денеска компанијата за време на посетата на премиерот Зоран Заев на клиниката која оваа година слaви 70 години од основањето.

    Донацијата е од специјални болнички кревети со антидекубитни душеци од реномирани светски производители, постелнина и наменски медицински мебел.

    „Нашата определба да донираме за потребите на здравството е искрена и долгорочна. Таа произлегува од желбата да издвоиме дел од компаниските приходи за активности кои се значајни за целата заедница. Особено сме среќни и задоволни кога тие средства одат во обезбедување добри услови за третман и здравствена заштита на мајките и бебињата со што придонесуваме кон обезбедување здрави поколенија и одржлива иднина за сите“, изјави Ламбро Патче, менаџер за јавни работи и комуникации во Пивара Скопје.

    „Ваквите донации се пример дека можеме заедно и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на најгорчливите проблеми што ги мачат граѓаните. Се радувам што во нашата земја постојат позитивни примери, како денешниот со Пивара Скопје каде што можеме да видиме како општествено одговорна компанија дава директна помош за унапредување на условите во одделението за интензивна нега кадешто мајките ќе се згрижуваат откако ќе ги донесат своите новороденчиња на свет“, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

    Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје е единствената универзитетска медицинска установа од ваков вид во земјата, во која се обезбедува највисок степен на здравствена заштита и се третираат најсложените случаи од областа на гинекологијата и акушерството, а паралелно на тоа се изведува образовна дејност и научно истражувачка работа. На Клиниката годишно сe извршуваат и до 6.000 породувања, како и над 50.000 специјалистички и суб-специјалистички прегледи и интервенции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира