ПИВАРЦИ И ВОЛОНТЕРИ СОБРАА 8 КУБИКА ЃУБРЕ ВО ЕКО-АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА КЕЈОТ НА ВАРДАР

    ПИВАРЦИ И ВОЛОНТЕРИ СОБРАА 8 КУБИКА ЃУБРЕ ВО ЕКО-АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА КЕЈОТ НА ВАРДАР

    Патеките и бреговите од двете страни на реката Вардар во централното градско подрачје на Скопје годинава повторно беа исчистени со волонтерската еко-акција во организацијата на Пивара Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и компанијата Пакомак. Целта на оваа најнова еко-акција, во која на волонтерска основа учествуваа вработените во Пивара Скопје, беше да се собере целокупниот сув отпад на двете страни од кејот на Вардар, кој понатаму ќе биде соодветно рециклиран.

    „Им благодарам на сите кои ни се приклучија на денешното чистење: заедно собравме 8 метри кубни и исчистивме 2 километри од кејот на Вардар“, твитна холандскиот амбасадор Воутер Пломп.

    На еко-акцијата, која годинава се одвиваше под мотото „Clean Up, Tweet Up“, се приклучија и британскиот амбасадор Чарлс Гарет и амбасадорот на САД Џес Бејли со нивните тимови. Благодарение на комуникацијата преку социјалната мрежа Твитер, во акцијата имаа можност да се вклучат и граѓаните.

    „Заштитата и унапредувањето на животната средина е меѓу најзначајните области на кои сме посветени како компанија, но и како поединци кои на волонтерска основа одвојуваат дел од своето работно време за да дадат свој придонес во успехот на ваквите еко-акции“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје. „Пивара Скопје, како еден од основачите на Пакомак, континуирано вложува сериозни финансиски средства со кои се обезбедува ефикасно функционирање на системот за управување со отпадот од пакување. Како компанија постојано работиме на остварување и надминување на нашите, но и на националните еколошки таргети за собирање и рециклирање на амбалажниот отпад. Истовремено, преку ваквите еко-акции сакаме да упратиме порака и апел кон останатите компании и целото општество дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за следните генерации“, нагласи Патче.

    Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.

    Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди Пакомак – специјализирана компанија чија основна дејност е управување со отпад од пакување заради минимизирање на несаканите ефекти од него врз животната средина.

    „Седма година по ред Пакомак, со редовната поддршка и финансиите што ги добиваме од нашите компании основачи и останатите членки на системот, успеваме да ги надминеме годишните национални еколошки цели кои ни ги одредува државата за собирање и правилен третман на отпадот од пакување. Но, постојат субјекти кои пуштаат отпад на пазарот, а не учествуваат во финансирањето на системите за негово собирање и рециклирање, ниту ѝ плаќаат на државата за тоа, со што директно го оштетуваат буџетот и животната средина. Тоа е јасен показател каде треба да се бараат решенијата. Товарот и одговорноста за решавање на проблемите мора да го понесат сите“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

    Сведување на минимум на влијанието врз животната средина е стратешка цел на Пивара Скопје. Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Кока-Кола во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на Хајнекен, Пивара Скопје континуирано вложува во оваа област и спроведува конкретни активности со кои придонесува за почиста животна средина. Тие активности се насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажа, како и намалување на потрошувачката на енергија и заштеда на вода. Како еден од основачите на Пакомак, Пивара Скопје постојано вложува и во ефикасноста на системот за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување во земјата.

    За своите досегашни заложби за одржливост и евидентните резултати во заштита на животната средина, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Кока-Кола групацијата, четири години последователно е рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот, според престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира